Рагнарок – Нордиска Митологија, IV

Сé има свој почеток и свој крај. Откако во изминатите текстови се запознавме со светот на Нордиската Митологија и со различни богови, божици и митолошки суштества кои го населуваат, конечно на ред дојде толку пати споменуваниот Рагнарок, или Самракот на Боговите – последното поглавје во митологијата на старите Нордијци. Но, како што ќе видиме, тоа не е конечен крај, туку нов почеток, преоден настан кон еден подобар свет.

Како што претходно кажавме, нордиската митологија е фаталистичка, односно судбината на сé и сешто е предодредена, вклучително и на боговите. Тие биле свесни за тоа, па затоа постојано се подготвувале за Рагнарок. Один и Фреја, меѓусебно ги делеле загинатите воини во борба, кои ќе ги придружуваат во конечната битка, најавена од серија настани.

ragnaroklogo

Прв знак за доаѓањето на Рагнарок ќе биде кражбата на златната табла на моќта, каде боговите ја одмерувале својата сила – волшебен предмет со кој, низ игра, добивале или губеле моќ. Таблата ќе биде украдена од три јотунки, по што полека, боговите ќе почнат да ја губат својата моќ.

На ливада, весели,

играа на табла,

сé на нив беше

само од злато, –

дури не се појавија

трите јотунки,

моќните моми

од Јотунхајм.

                - „Видение на Волвата”, 8

lokiodinhel

Главен двигател на настаните кој ќе водат до Рагнарок, е биде богот на хаосот Локи. Имено, со текот на времето, Локи станува се позлобен. Наместо да им помага на останатите богови, тој ќе почне да им создава повеќе неволји. Најголема од сите пакости на Локи, ќе биде предизвикувањето на убиството на богот на светлината Балдур, омилениот син на Один и Фрига. Имено, Локи го измамил слепиот брат на Балдур, богот Ходор, да го прободи Балдур со имела – едниственото нешто кое можело да го повреди Балдур. Божицата-мајка Фрига, ја молела божицата на подземјето Хел, да го врати нејзиниот син. Хел одговорила дека ќе го стори тоа тогаш кога секое живо суштество во светот, ќе тагува по него. Така, секое живо суштество почнало да плаче и тагува по Балдур, освен една старица по име Ток, која вистински бил Локи преправен стара баба. Поради тоа Балдур останал во Хелхајм. Неговиот полубрат Вали, син на Один и Ринд, кој за еден ден пораснал од новороденче во силен маж, ќе го одмазди, убивајќи го другиот полубрат Ходор.

aec09ab00da3b39d883d31ba470965ad

Видела како Балдур,

окрвавениот бог,

син на Один,

ја примил смртта;

строен во полето,

стоел возвишен,

тенок, прекрасен,

пред имела бегалец.

 

Запрел бегалецот,

тенок и строен,

од оружје погубно.

Него Ходор го фрлил.

Наскоро на Балдур

му се родил брат, –

штом минала ноќта,

почнал да се бори.

Дланки не си миел,

ни коса не си чешлал

дури не го убил

убиецот на Балдур;

Фриг ја оплакувала,

седејќи во Фенсалир,

тагата на Валхол –

доволно ли ви е тоа?

                                - „Видени на Волвата”, 31-33

Овој настан може да се протолкува како одмазда на Локи затоа што боговите го врзале неговиот син, чудовишниот волк Фенрир. Имено, Фенрир растел многу брзо и станувал закана за боговите. Тие неколкупати го врзувале, но тој се ослободувал. Најпосле, двергарите направиле волшебни окови кои можеле да ја издржат силата на Фенрир. Боговите го однеле на островот Лингви за да го врзат и му ветиле дека нема да го оковаат. Но, Фенрир побарал некој од нив да стави рака во неговата уста додека го врзуваат. Само богот Тир се согласил на тоа. Кога Фенрир видел дека не може да се ослободи, му ја прегризал раката. 

tyrfrenirbla

По некое време боговите организирале гозба кај морскиот бог Агир. Сите биле задолжени да го запазат мирот на гозбата и гостите со големи пофалби зборувале за слугите на Агир – Фимафенг (Вешт Ловец) и Алдир (Готвач). Но, само Локи не се придржувал кон тоа и го убил Фимафенг – боговите го прогонале. Локи решил да се врати и да им ја расипе забавата:

 Локи рекол:

Кај Агир дома

да влезам решив

и пирот да го видам;

раздор и врагост

јас да им внесам,

во медовината злоба.

                                - „Препирката на Локи”, 3

По долги расправии, на гозбата конечно пристигнал и Тор кој го избркал Локи:

 Тор рекол:

Подлецу, молкни!

Ќе те принуди на молк

чеканов Мјолнир!

Смртта на Хрунгнир

ќе те витоса в Хел,

пред дверите на смртта.

 

Локи рекол:

Им кажав на Асите сé

им кажав на Асинките сé,

и не скрив ништо,

ќе попуштам пред тебе

и од овде ќе појдам, –

штом си решил да се биеш.

 

Пивото, Агир,

ти доста го чуваш,

но напразно се грижиш:

сé што владееш нека

исчезне низ пламен,

нека го обгори

оган и грбот твој!

                                - „Препирката на Локи”, 63-65

lokivrzan

Потоа Локи, трансформирајќи се во лосос, се обидел да се сокрие во еден водопад. Но, боговите го фатиле и со цревата на неговиот син Нари, го заврзале за три големи камења, еден до колената, друг до бедрата и трет до рамената. Потоа над неговото лице обесиле змија од чија уста капел отров. Приврзаната жена на Локи, Сигун, држела чаша во која го собирала отровот. Но, кога таа ќе се наполнела и Сигун ќе одела да ја испразни, отровот капел врз Локи. Од болка се згрчувал, толку силно, што сета земја се тресела. Но, Локи ќе успее да се ослободи и ќе ја поведе војната против боговите.

b37490b3a9c0e2d6cc7d3ce829f9a224 (1)

Рагнарок ќе започне со неколку долги и тешки зими по ред, природни катастрофи, големо уништување и војни – брат ќе се сврти против брат, погазена ќе биде секоја чест. Волците Скол и Хати ќе го проголтаат Сонцето, односно Месечината. Фенрир ќе се ослободи. Локи и јотунот Хрим ќе ги водат ледените јотуни од Јотунхајм на исток, а од Муспелхајм на југ, ќе се издигне огнениот Сурт – Уништувачот на светот. Фјалар и Гулинкамби ќе го најават, Хајмдал со рогот Галахорн ќе го означи почетокот на последниот бој на полето Вигрид. Фенрир ќе го проголта Один, а ќе загине од Видар. Тор и Јормунганд, Тир и Гарм, Хајмдал и Локи, ќе загинат еден од друг. Во последен отпор пред Сурт ќе застане Фреј – залудно. Со огнениот меч, ќе го запали светот и ќе предизвика целосна пропаст, потопувајќи го.

Но, земјата повторно ќе се издигне, ќе се роди, зелена и плодна како порано. Преживеаните богови, Одиновите синови Видар и Вали, заедно со Моди и Магни, синовите на Тор, на кои ќе им се придружат оживеаните Балдур и Ходор, ќе ја пронајдат изгубената златна табла на моќта и повторно ќе го изградат светот – еден нов, поубав свет. Од криење ќе излезат и маж и жена, Лиф (Жив) и Леифтрасир (Животност), кои ќе ја продолжат расата на луѓето.

Рагнарок е таква приказна, што додека ја читате ви лазат морници, чувстувате напнатост, но истовремено и силно вдахновение. Ниту една друга митолошка приказна, барем мене лично, не ми предизвикала такви силни емоции. Затоа, покрај погорниот, краток опис на настанот, Ви го пренесувам и стиховниот опис на Рагнарок, предаден во песната „Видение на Волвата” (строфи 36-66):

 

Лие од исток

студен поток,

мечеви носи, –

Слид му е име.

 

Си стоел на север

во Нидавелир

еден дворец златен, –

на двергарите дом;

имало и друг,

на Околнир домот,

за јотуни дворец,

Бримир се викал тој.

 

Видела дом,

од сонцето далеку,

на Брегот на мртвите,

со врата на север;

отровни капки

капеле низ оџак,

со живи змии

сплетен е тој дом.

 

Видела таму –

во потоци врвеле кривоклетници,

подли убијци

и тие што жени

туѓи соблазнувале;

Нидхог таму глодал

мртви трупови,

раскинувал мажи –

доволно ли ви е тоа?

 

Си седела старица

во Железна Гора,

го родила таму

родот на Фенрир;

од овој род

ќе настане еден

одвратен трол,

на Сонцето крадец.

 

Ќе гризе тој

трупови на луѓе,

со крв ќе го залева

на боговите домот;

ќе потемне Сонцето

сред летна доба,

бури ќе се кренат –

доволно ли ви е тоа?

 

Си седел на рид,

на харфа си свирел

јотунскиот пастир,

веселиот Егдер;

над него пеел

на шумските дрвја

еден црвен скитник

по име Фјалар.

 

Запеал над Асие

Гулинкамби,

тој јунак ќе биде

во Татковата дружина;

од земјата друг

по првиот се гласил

петел црно-црвен

во дворецот на Хел.

 

Гарм лае силно

кај Гнипахелир,

синџирот не издржа –

незаситниот го скина.

Таа знае многу,

јас ќе видам се’

за судбата на моќните

славни богови.

 1krug

Браќа ќе влезат

еден спроти друг в бој,

блиски роднини

ќе гинат во кавги;

тажно е во светот,

блуд голем има,

доба на мечеви и секири,

се кршат штитовим

доба на бури и волци

до крајот на светот;

дури не почне човек

да поштедува човек.

 

Играта ја почнале

децата на Мимир,

крајот бил најавен

со рогот Галахорн;

Хејмдал труби,

го кренал рогот,

со черепот на Мимир

беседи Один.

 

Трепери Игдрасил,

јасенот висок,

јачи древното стебло,

се откинува турс.

 

Што е со Асите?

Што е со алфите?

Јотунхајм јачи,

Асите на тинг,

двергари лелекаат

пред камените влезови

во родните пештери –

доволно ли ви е тоа?

 

Гарм лае силно

кај Гнипахелир,

синџирот не издржа, –

незаситниот го скина.

Таа знае многу,

јас ќе видам се’

за судбата на моќните

славни богови.

 

Хрим иде од исток

зад штит се засолнил;

Јормунганд гневен

се врати;

змејот се бие на далги,

клика орел,

паднатите ги кине;

Нагалфар плови.

 

Од исток в лаѓа

луѓето на Муспел

пловат низ далги,

а Локи ги вози;

патуваат со Волк,

син на јотуни,

во лаѓато со нив

е Билејстовиот брат.

 

Сурт пристигна од југ

со кршител на ветки,

Сонцето болскоти

на божјите мечеви;

се уриваат гори,

умираат јотунки,

кон Хел одат луѓе,

небото се кине.

 

Настана за Хлин

несреќа нова,

штом Один стапил

со Волкот во бој,

убиецот на Бели

во Сурт се грабнал, –

на Радоста на Фриг

и’ се ближи крајот.

 2krug

Гарм лае силно

кај Гнипахелир,

синџирот не издржа, –

ненаситникот го скина.

Таа знае многу,

јас ќе видам се’

за судбата на моќните

славни богови.

 

Стаса и синот

на Таткото на победите,

Видар за бој

со мршојадец ѕвер;

тој мечот го крева

да одмазди татко, –

го удри в срце

синот на Хведрунг.

 

Тука дојде и славниот

потомок на Хлодун,

со змеј да се бие

синот на Один иде,

го победи гневен

стражарот на Мидгард,

сите луѓе треба

од живот да се делат, –

на девет чекори

отстапува синот на Фјоргун,

од змејот поразен –

достоен за слава.

 

Ссонцето потемне,

Земјата се урна в море,

од небото се кинат

сјајните ѕвезди,

пламени беснеат

од хранителот на животот,

неподнослива жар

до небото се крева.

 

Гарм лае силно

кај Гнипахелир,

синџирот не издржа, –

ненаситникот го скина.

Таа знае многу,

јас ќе видам се’

за судбата на моќните

славни богови.

 

Видела таа:

одново се кревала

од морето земја,

зелена како што беше;

течеле води,

орел си летал,

риба в далги

тргнала да лови.

 

Се сретнале Аси

на Идавол поле

за појасот на светот

беседат моќен

и се сеќаваат

на славните настани

и на древните руни

на Врховниот бог.

 

Да ја најдат пак

на ливадата треба,

во високата трева,

златната табла,

што за играње

им служеше дамна.

3krug

 

Се раскласа

жито без да се сее,

од злото ќе настане благо,

ќе се врати Балдур,

ќе живее со Ходор

во дворецот, кај Хрофт,

во домот на боговите –

доволно ли ви е тоа?

 

Хонир ќе го пази

пратот на ждрепка,

на двајцата браќа

ќе им живеат синовите

во Домот на ветрите –

доволни ли ви е тоа?

 

Замок видела таа

од сонце почудесен,

над Гимле стоел,

сјаејќи со злато:

таму ќе живеат

верните дружини,

таму вечна среќа

судена им е ним

 

Ќе слезе тогаш

Господарот на светот,

Тој што управува со се’,

благородник моќен.

 

Еве прелетува

црниот дракон,

молневит змеј

од Темни Висови;

Нидхог се шири

над полето летајќи,

под крилјата трупови –

време е да ја снема.

Текст: Игор Ефтимовски

студент по Археологија на Филозофскиот Факултет, Скопје; ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ „Цар Самоил” – Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013); креатор и уредник на блогот Историски, наменет за популаризација на Историјата и нејзините сродни науки; учесник на научните трибини: „Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор”, „1000 години од смртта на Цар Самоил”; автор на изложбата „Македонија и Преспа во делата на странските картографи – од II до XIX век”.
Никулец

Ако барем малку за него сте слушнале, а да се слушне има толку многу, за секаква извондредна приказна сте спремни. Висок старец со светлно сини очи, со ситни очила поткачени на поткривениот нос, долга, златникава брада педантно потпикната во појасот и задреманиот був Лазар на рамото. А на ликот – годините и мудроста, отцртани. Оној кој велел дека различните навики ништо не значат. Кој свои истомисленици собрал за училиште со отворени срца да создаде кое денес името негово го носи.