Один и вечната потрага по мудроста – Нордиска Митологија V
Wardruna - AnsuR

Во минатите текстови, неколкупати е кажано дека врховниот нордиски бог Один претставува еден од најкомплексните митолошки ликови воопшто. Тој е истовремено и бог на војната, но и бог на творечкото вдахновение, вечен талкач кој трага по мудроста. Один е сéтатко, но секогаш се стреми да се надмине себе си. За целосниот лик на Один имате еден прекрасен текст од мојата драга пријателка Радмила. Тука ќе се задржиме на само еден аспект од комплексната личност на Одиннеговата потрага по мудрост и знаење.

znakcheodin

Во наследство ни останале повеќе приказни и песни во кои се гледа оваа особина на Сéтаткото, но како најдиректен показател претставува приказната за жртвата на неговото око во Мимировиот извор на мудроста. Имено, едниот корен на светското дрво Игдрасил досегал до изворот на мудроста во Јотунхајм, чуван од страна на Мимир (оној кој памети). Оној кој ќе се напиел од изворот се стекнувал со голема мудрост. Один ја сфаќал моќта на изворот, па преправајќи се како долгобрад старец облечен во темно сина/сива наметка и шапка, се упатил натаму. Кога пристигнал наишол на Мимир, кој му рекол дека ќе дозволи да се напие од изворот, доколку направи соодветна жртва. Како одговор на тоа, Один го извадил едното око и го фрлил во изворот. Мимир ја прифатил жртвата и му дозволил да се напие. И покрај тоа што Один останал слеп на едното око, со стекнатата мудрост можел да гледа почисто од кога и да било.

gifodinТаа тајно

гатала еднаш,

кога кнезот на Асите

во очите ја гледал;

Што да ме прашуваат?

Зошто испитуваат?

Знам Одине јас

каде е скриено твоето око:

тоа е скриено во изворот

на славниот Мимир!

Секое утро

Мимир пие медовина

од залогот на Господарот –

доволно ли ви е тоа?

                                „Видение на Волвата”, 28

За време на Војната на Боговите, Мимир ја загубил својата глава, но за да не се изгуби неговата голема мудрост, Один ја зел и со помош на некои тревки ја балсамирал. Користијќи магија и дал способност да зборува. Главата постојано ја носел со себе, за секогаш да ја има можноста да се советува со мудрецот.

Друга приказна во која се гледа подготвеноста на Один на саможртвување за стекнување со знаење, е приказната за откритието на руните. Руните претставуваат писмо со кое се служеле старите Нордијци и за кои верувале дека имаат магично дејство.

Приказната оди така што Один сам се прободел со своето копје, обесен на светското дрво. Така стоел девет ноќи, без ниту еден залак храна или голтка вода, гледајќи во земјата, во една полу-мртва состојба. Кога конечно, на деветтата ноќ, ја осознал магичната моќ на руните, воскреснал.

tretaruna

Знам, висев јас

на гранки, на ветер

девет долги ноќи,

пронижан со копје

посветено на Один,

се принесов жртва

на тоа дрво

чии корени се скриени

во пазуви таинствени.

 

Никој не ме хранеше,

никој не ме поеше,

во земјата гледав,

ги истрпив руните,

стенкајќи ги дарив –

и од дрвото треснав. 

prvaruna

Девет песни узнав

од синот на Болторн,

таткото на Бестла,

медовина вкусив

великолепна,

од Одрорир налеана.

 

Почнав да созревам

и знаење да множам,

да растам, да цветам;

збор од збор

раѓаше збор,

дело од дело

раѓаше дело. 

vtoraruna

Руни ќе пронајдеш

и ќе откриеш знаци,

најсилни знаци,

најкрепки знаци,

Хропт нив ги сликал,

ги создале боговите,

а Один ги изрежал.”

                                „Хавамал (Речта на Високиот)”, 138-142

Один немал граници во потрагата по знаење. Сакал да знае сé, вклучително и магиската практика сеид, која била главно резервирана за припадничките на женскиот пол. Один го научил сеидот од божицата Фреја, поради што некои, како Локи, се потсмевале со него:

Локи рекол:

А ти, сум слушал,

на островот Самсеј

во барабан си бил,

сред луѓе си вражал,

како вештиците, –

ти си – женовиден маж!

„Препирката на Локи”, 24

Но, како што видовме во поглавјето за Рагнарок, Локи си ја добил казната…

Один постојано сакал да беседи и да се натпреварува во знаење. Негов најзначаен дуел бил оној со најмудриот од сите јотуни, Вафтруднир, во кој разговарале за постанокот на светот, боговите, настаните, иднината, но на крајот од беседата:

 vafthrudnir_by_Trishkell

Вафтруднир рекол:

Никој не знае

што на својот син

си му рекол скришум!

За крајот на боговите,

јас, проклетиот,

преданија кажувам!

Со Один натпревар

се мачам да се мерам:

на светот најмудар си ти!

„Речта на Вафтруднир”, 55

Дека една од најглавните одлики на Один е неговото знаење и мудрост, ни кажуваат и имињата на двата гаврани-придружници Хугин (Мисла) и Мунин (Памет), кои постојано го информирале за тоа што се случува во светот.

 4b2f80c3446f07eca5214e3ee0458e70

Хугин и Мунин

секој ден над земјата

летаат без умор;

се плашам за Хугин

дали ќе се врати, –

повеќе за Мунин!

„Речта на Гримнир”, 20

Но, Один голем дел своето знаење не го чувал само за себе. Руните ги споделил со луѓето и во наследство им ја оставил песната „Речта на Високиот“ (Havamal), збир на помали песни за гостопримството, пријателството, умереноста во страстите, среќата и различни животни лекции – еден вид животен прирачник за човекот.

Прашува и одговара

умниот везден,

ако сака да е зналец;

да знае треба еден,

никако двајца, –

тројца – сите знаат сé„

„Хавамал (Речта на Високиот)”, 63

meguodin

Текст: Игор Ефтимовски

Студент по Археологија на Филозофскиот Факултет, Скопје; ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ „Цар Самоил” – Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013); креатор и уредник на блогот Историски, наменет за популаризација на Историјата и нејзините сродни науки; учесник на научните трибини: „Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор”, „1000 години од смртта на Цар Самоил”; автор на изложбата „Македонија и Преспа во делата на странските картографи – од II до XIX век”.
Никулец

Ако барем малку за него сте слушнале, а да се слушне има толку многу, за секаква извондредна приказна сте спремни. Висок старец со светлно сини очи, со ситни очила поткачени на поткривениот нос, долга, златникава брада педантно потпикната во појасот и задреманиот був Лазар на рамото. А на ликот – годините и мудроста, отцртани. Оној кој велел дека различните навики ништо не значат. Кој свои истомисленици собрал за училиште со отворени срца да создаде кое денес името негово го носи.