Богови и божици – Нордиска митологија II

Минатиот пат се осврнавме на нордиските митови за постанокот и структурата на светот – сега се осврнуваме кон оние кои владеат во тој свет. Имено, овој текст е наменет како едно кратко, најопшто запознавање со најважните нордиски богови и божици, чии ликови, во понатамошните текстови, ќе бидат подетално обработени.

Нордиската религија, како и другите политеистички религии, е составена од голем број богови и божици кои имаат свој „ресор“, а се поделени во две основни групи: Аесир (Аси) и Ванир (Вани).

Асите претставуваат богови на моќта, односно нивните функции се главно владетелско-војнички. Ваните пак, се богови на плодородието, на земјата. Според некои антрополози, оваа поделба останала сведоштво за периодот на Индо-европските миграции, периодот на преодот од каменото во металните времиња, период кога за првпат започнало хиерархиското структуирање на населението.

odinot

Врхвниот бог на Асите (и воопшто врховен нордиски бог) е Один (Óðinn/Оден/Вотан – името за денот среда во германските јазици потекнува од неговот име – пр. Wednesday во англискиот јазик). Один претставува еден од најкомплексните митолошки ликови воопшто. Тој е Сéтаткото, врховен владетел, бог на војната кој го решавал исходот на битките, но и бог на вдахновението, на творечката инспирација, на поезијата, магијата, вечен талкач по мудрост. Често го посетувал Мидгард, земјата на луѓето, во форма на белобрад, едноок старец со темно сина (или сива) наметка (изгледот на Гандалф од „Господарот на прстените“ е инспириран од Один). Негови придружници се гавраните Хугин и Мунин (Мисла и Памет), волците Гери и Фреки (Алчен и Ненаситен) и осумногиот коњ Слеипнир. Негово оружје е Гунгнир кое секогаш ја погодувало целта, а негов бил и магичниот прстен Драупнир, кој секоја деветта ноќ создавал по осум нови прстени. Владеел од Асгард од дворецот Валхала, место каде оделе половина од воините загинатите во борба, кои живееле чесен живот и кои заедно со Сéтаткото го чекале Рагнарок. Но, највпечатливите приказни за Один се оние поврзани со неговата потрага по мудроста, кои ќе бидат обработени во засебен текст.

Жена на Один е божицата Фрига – заштитничка на бракот и мајчинството. Во Асгард имала свој дворец по име Фенсалир. Од нејзиното име потекнува името за денот петок во германските јазици. Од бракот на Один и Фрига се родени боговите Балдур, Хермод и Ходор. Од нив најзначаен е Балдур – бог на светлината, заштитник на сонцето и месечината. Балдур ќе ја има главната улога во настаните кои ќе доведат до Рагнарок и она што ќе следува по него. Живеел во дворецот Брејдаблик, а го имал и најголемиот брод во светот на боговите. Негова жена била Нана со која го имал синот Форсети, судијата на боговите, заштитник на правдата и мирот.

Один имал и други синови – од нив најважен е Тор (Þórr), богот-громовник, господарот на небото, еден од најомилените богови на старите Нордијци, претставуван како млад и силен човек со брада. Негова мајка била Јорд (Земја), а негова жена биле златокосата Сиф со која го имал синот Моди (Лут) и ќерката Труд (Сила), додека пак со Јарнсакс го имал синот Магни (Снажен). Негово оружје бил чеканот Мјолнир кој само тој можел да го крене в раце, а за тоа му биле потребни железни ракавици. Неговата физичка сила се удвојувала кога го носел појасот Медингјорд. Патувал по небото и земјата со кола што ја влечеле две кози – Тандгнјост (Чкрипот) и Тандгриснир (Крцко), кои му служеле и како храна и можеле повторно да оживеат. Задача му било да се бори со јотуните за да не надвладеат над светот на луѓето и боговите. По него се именува денот четврток во германските јазици. По Тор, најсилен бол богот Видар, син на Один и Грид, бог на одмаздата. Друг син на Один бил Браги – заштитник на поезијата и говорништвото, кој пак бил маж на божицата Идун – задолжена за јаболките на младоста со кои боговите ја одржувале нивната виталност.

tortir

Еден од најзначајните нордиски богови е Тир (Týr), син на јотунт Химир. Според некои научници тој бил врховен бог пред неговиот култ да биде истиснат од Один. Тир бил истотака бог на војната, заштитник на воените дружини  и на народните собири. Името за денот вторник во германските јазици доаѓа од неговото име.

Друг интересен бог бил Хајмдал, роден од девет мајки-сестри. Тој бил чувар на мостот Бифрост кој ги поврзувал Асгард и Мидгард. Имал остар слух и вид. Хајмдал бил основоположник на трите сталежи: робови, слободни луѓе и владетели.

Локи (Лопт) е многу интересен лик. Бил бог на огнот, измамата и хаосот, син на јотуните Фарбути и Лауфеј. На почетокот бил љубезен и добар, но со текот на времето станувал се позлобен. Неговата лукавост им помагала на боговите да ги извлече, но и да ги доведе во тешки ситуации. Негова жена била Сигун, а со јотунката Ангрбод станале родители на страшниот волк Фенрир, божицата на смртта Хел, владетелка на Хелхајм, и змијата Јормунганд (Мидградската змија) која живеела во океанот и го обиколувала светот. Тој бил и татко на коњот на ОдинСлеипнир. Локи ќе биде главен причинител на Рагнарок.

Врховен бог кај Ваните бил Нјорд – заштитник на морињата, пловидбата, бродовите и морнарите. Негова жена била Скади – ќерка на јотунот Тјаци, божица на зимата, скијањето и ловот. Потомци од Нјорд, добиени од врска со неименувана сестра, биле Фреј и Фреја.

njordfrej

Инг Фреј (Yngvi Freyr – Господарот Инг) бил бог на плодноста, мирот, среќата и радоста – бил меѓу омилените кај Нордијците. Негова жена била Герда, ќерката на јотунот Гимир. Имал кола, влечена од златен вепар, брод по име Скидбладнир – најбрзиот во светот, кој можел да биде здиплен така што би го собрало во џеб. Имал и волшебен меч кој можел да се бори сам доколку оној кој ракува со него е доволно мудар. Но, го дал за придобивањето на Герда, по што се борел со еленски рог. Негови слуги биле Бигвир (Јачмен, односно – заштитник на посевите) и Бејла (Крава, односно – заштитничка на стоката). Фреј бил сметан и како родоначалник на првата шведска кралска лоза.

Мала дигресија во текстот - Фреј e мојот патронен бог. Имено, името Игор претставува словенизирана верзија на нордиското име Ингвар, што се преведува како „Воин на Инг (Фреј)“.

frejaskadi

Фреја била нордиската Афродита, божица на убавината, љубовта и плодноста, но истовремено и маѓепсница. Нејзин маж бил Од, кој често бил отсутен поради што Фреја често плачела. Нејзините солзи се претворале во златни грутки кога паѓале на земја, а во скапоцени камења кога паѓале во вода. Била господарка на Фолквангр (Народното поле), каде оделе другата половина од паднатите воини во бој. Имала кола која ја влечеле две мачки, а имала и способност да се претвора во соколица. Во нејзината сопственост бил и ѓерданот Брисингамен кој блескал силно како ѕвездите на небото.

Друг значаен бог од Ваните бил Агир – бог на океанот и крал на морските суштества. Бил оженет со својата сестра Ран со која имал девет ќерки-бранови. Сверното Море, поради својата немирност, било нарекувано и „Зовриениот лонец на Агир“.

Во почетокот, двете групи на богови, Асите и Ваните, имале ривалски однос, поради што меѓу нив избила војна – првата војна во светот. Како повод за почетокот на војната била жената Гулвејг (Сила на златото) која Ваните им ја испратиле на Асите за да им ја зголеми жедта по злато и да поттикне расправии меѓу нив. Один, три пати се обидел да ја убие, но таа повторно се раѓала како Хејд (маѓепсничка) и одново предизвикувала кавги (некои истражувачи во ликот на Гулвејг ја препознаваат Фреја).

75px-Runic_letter_gar.svg

Војната ја помнела

прва во светот:

Гулвејг загинала,

прнижена од копје,

ја изгорел оган

во дворецот на Один,

трижди ја гореле,

трижди родената,

и сепак до денес таа е жива

 Хејд ја нарекле,

дома ја пречекувале

моќната маѓепсница, –

правела волшебства

со жезлото маѓепсничко;

покорувало умови

нејзинто вражање,

на злите жени за радост.”

„Видение на волвата”, 21-22

Асите се двоумеле како да постапат – едни сакале да бараат откуп од Ваните за неа, а други сакале самите да им дадат откуп за да ја тргнат.

Тогаш седнале боговите

на троновите на моќта,

да се советуваат

започнале светите:

ќе трпат ли Асите

навреда без откуп,

или за одмазда боговите

да земат откуп.

„Видение на волвата”, 23

Один решил да им објави војна на Ваните, забодувајќи го копјето пред нив:

Пред војската Один

забоде копје,

се случило тоа

во дните на првата војна;

паднале ѕидиштата

на крепоста Асина,

во битката Ваните

победиле врази.”

Видение на волвата”, 24

По долги борби, двете страни решиле да склучат мир. Било договорено да разменат заложници – Хонир (Вили) и Мимир отишле кај Ваните, а Нјорд, Фреј и Фреја кај Асите. За време на преговорите, како симбол на договорот, Асите и Ваните плукнале во еден сад, од што подоцна се создал еден мудар човек по име Квасир, кој истотака бил испратен како заложник кај Асите (подоцна Квасир бил убиен од џуџињата Фјалар и Галар, а од неговата крв настанала „Медовината на поезијата“).

Ваните го прогласиле Хонир за нивни нов господар и кога до него бил мудриот Мимир, донесувал добри одлуки. Но, кога бил сам секогаш одговарал исто:

Нека одлучат другите.

Чуствувајќи се измамени, Ваните ја пресекле главата на Мимир и им ја испратиле на Асите. Один ја балсамирал главата и со помош на магија и дал способност да зборува, така што во секој момент би можел да го има советот на мудриот Мимир. Од друга страна пак, Нјорд, Фреј и Фреја биле посвоени од Один и го поминале својот живот во Асгард.

Текст: Игор Ефтимовски

студент по Археологија на Филозофскиот Факултет, Скопје; ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ „Цар Самоил” – Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013); креатор и уредник на блогот Историски, наменет за популаризација на Историјата и нејзините сродни науки; учесник на научните трибини: „Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор”, „1000 години од смртта на Цар Самоил”; автор на изложбата „Македонија и Преспа во делата на странските картографи – од II до XIX век”.
Никулец

Ако барем малку за него сте слушнале, а да се слушне има толку многу, за секаква извондредна приказна сте спремни. Висок старец со светлно сини очи, со ситни очила поткачени на поткривениот нос, долга, златникава брада педантно потпикната во појасот и задреманиот був Лазар на рамото. А на ликот – годините и мудроста, отцртани. Оној кој велел дека различните навики ништо не значат. Кој свои истомисленици собрал за училиште со отворени срца да создаде кое денес името негово го носи.