Дадаизам

Почетокот на Дада движењето, не е почеток на уметноста, туку почеток на незадоволството.

Tristan Tzara, француски поет, поврзан со дадаизмот

Според историјата, терминот Дада го создале група анти- воени студенти и уметници, кои се собрале во Цирих, Швајцарија, во 1916 година.  Некој од нив случајно ја свртел страната од француско-германскиот речник и со нож посочил случаен збор, „дада“, кој на француски значи – дрвено коњче за деца. Апсурдноста на зборот и се допаднала на групата, дотолку што движењето го добило своето име.

Дадаизмот бил движење против се – против рационалност, ред, а особено традиционални вредности како национализам, војна, уметност и религија.  Декаденцијата на 1920-те, што следувала во првите години на ова движење и презирот на буржоазијата, исто така се важен дел во проучувањето на оваа уметност.

Дадаизмот всушност повеќе дејствувал како група на мислители кои создавале предмети, со цел да ги критикуваат политичките и социјалните структури, отколку како уметничко движење. Значењето на предметите и сликите кои се создавале, било поголемо од нивната уметничка вредност, а интелектуалната експресија позначајна од самото уметничко дело или предмет.  Во овој период расте популарноста на нетрадиционалните медиуми, како што е фотомонтажата, како и „реди мејд предметите или секојдневните објекти на кои им се додавала уметничка вредност. Сето ова помогнало да се создаде дијалог, за она што уметноста може и не може да биде. Озогласениот француски уметник, Marcel Duchamp во тоа време навредил многу луѓе со тоа што обичен писоар го претворил во „Фонтана, но истиот денес се смета за еден од пионерите во областа на модерната уметност.

Дадаистите, подоцна, во голема мера влијаат на многу уметнички движења вклучувајќи ги надреализмот, апстрактниот експресионизам и концептуалната уметност.

Дадаизмот бил популарен во некои од најголемите светски центри, како Њујорк, Берлин, Париз, Хановер и Цирих во почетокот на ХХ век. Можеби најмоќен бил во Германија, каде многумина во тој период се опоравуваат од последиците на Првата ветска војна, преполни со огорченост кон германската влада. Надуените, корумпирани германски политичари, биле честа мета на берлинската дадаистичка уметност, особено во делата на Hannah Höch. Во анти-националистички манир, многу германски уметници ги менувале своите имиња со англицизми, за уште повеќе да се дистанцираат од нивната земја.

Man Ray, Marcel Duchamp, Hannah Höch, George Grosz и Max Ernst, се дел од листата на важни уметници и мислители од рамките на дадаизмот.

Текст: Марија Јовановска

marulka

проф. Теракота

Професорката Теракота е инспирација за сликарите, музичарите, поетите, актерите. Таа е професорка по предметот Уметност. Нејзиниот мек и мелодичен глас, во моменти на лутина и вознемиреност се претвара во продорен крик.