Коридор 10

Томе Сиљаноски и Коста Чоклев, веќе докажани имиња на македонската андерграунд сцена,со нов прект. Коридор 10. Љубителите и почитувачите на темниот метал звук на Сињак, Лелек и Потоп, во исчекување. Најавата за промоцијата на нивното деби издание, наречено „Свети Никола Тесла“, израдува многумина. Промоцијата е закажана за сабота, 16 Ноември, со почеток од 21.00 h, во Ла Кања барот, во Старата скопска чаршија.

„Свети Никола Тесла“ е издание за Шарла EP Club, второ по ред. Момците одговорни за оваа независна издавачка куќа за музика, литература и љубов, велат дека за почеток, стартуваат со издавачки концепт познат како EP Клуб. Станува збор за едиција во која ќе претстават нови бендови и артисти, како и side проекти на некои поетаблирани имиња од нашата независна сцена, и тоа во EP формат – совршено прикладен за запознавање со нечија музика. Шарла ја охрабрува слободата во творењето, како кај младите музичари, така и кај младите уметници и дизајнери. Имено, за визуелното решение на секое издание на Шарла, ќе биде поканет по еден млад уметник/дизајнер од надоаѓачката скопска ликовна сцена. Со ваквото авторско поврзување, момците сакаат да му дадат генерациски белег на проектот, имајќи ја предвид количината на талент и полет кај младите музичари и уметници, кои се развиваат едни покрај други, овде и сега.

Коридор 10 ги третира некои од највозбудливите музики на минатиот век, барем за оние музички сладокусци кои тоа го сакаат во темно. Шестте песни од EP-то се најавени како извонредно уреден преплет од краут, dark wave и електроника, во noir амбиент, со должна почит кон македонскиот dark од 80-те и 90-те години на минатиот век. За изненадувањето и возбудата да бидат поголеми, сето тоа е отсвирено на iPad.

Насловната нумера од EP-то во прилог, „Поп во диско“, несомнено потврдува дека овие двајца талентирани момци од западно Скопје имаат што да кажат. Појдете во сабота во Ла Кања и чујте ги и другите пет приказни, спакувани на крајно  возбудлив начин, со богат звучен колор и одлично решени аранжмани, зачинети со храбри, луцидни текстови.

Истражувачите на Никулец ќе бидат таму!

Никулец

Ако барем малку за него сте слушнале, а да се слушне има толку многу, за секаква извондредна приказна сте спремни. Висок старец со светлно сини очи, со ситни очила поткачени на поткривениот нос, долга, златникава брада педантно потпикната во појасот и задреманиот був Лазар на рамото. А на ликот – годините и мудроста, отцртани. Оној кој велел дека различните навики ништо не значат. Кој свои истомисленици собрал за училиште со отворени срца да создаде кое денес името негово го носи.