„Музиката се создава така како што ја чувствуваш, исто како и животот…“ – интервју со Огнен Анастасовски-Окац

Вечерва, 12.04.2014, во City Hall Centar, со почеток од 22.00 часот, е закажан последниот концерт на Bei The Fish. Концерт кој ќе ги заокружи дванаесетте години заедничко творење и свирење на Огнен Анастасовски, Ненад Тонкин и Валентина Миновска.

„At The End of the Sand“, последниот албум на бендот, можеби најрекапитуларниот и најзрелиот звук во целото нивно творештво, барем со насловот, тоа и како да го наговестуваше. А творечкиот опус на бендот е навистина богат. Зад себе оставија 5 студиски албуми, 2 долгосвиречки изданија за театарски претстави, едно EP, како и едно неофицијално долгосвиречко издание од самите почетоци. Одржаа стотина концерти во земјава и надвор од неа, делејќи ја сцената во повеќе наврати со светски музички имиња.

Најавата за последниот концерт ја искористивме како повод, да му поставиме неколку прашања на Огнен, да поразговараме околу крајот, но и за почетоците.

Огнен, да поразговараме за почетоците. Оние најраните. Кој беше првиот контакт со музиката на кој се сеќаваш? Кои беа музичарите што те фасцинираа и инспирираа во детството?

Како второ дете имав среќа да добивам преџвакана музика од постариот брат, така да растев со многу добра музика, шеести, седумдести, малку осумдести и на крај времето во кое растев – девеести. Отсекогаш ме фасцинираше, па и ден денес, енергијата на хипи бендовите, не толку како инструменталисти, туку како искрена и сирова енергија. Растев со Doors, Led Zeppelin, Hendrix, Joplin, Joy Division, Sisters of Mercy, Deus, Zita Swoon,  Nirvana, Pearl Jam, Metallica, Rage Against The Machine и.т.н. Сега излегува чудно, зошто Bei The Fish не звучи така, но младост лудост :). Инаку првиот контакт беа некои од плочите кои ги имаше татко ми. На страна од плочите како „Друже Тито ми ти се кунемо“, имаше плочи од Бело Дугме, Нови Фосили, Здравко Чолич, а имаше и плочи од многу француски шансоњери, како Шарл Азнавур, Серж Геинсбург.

Која е твојата приказна околу првиот инструмент на кој имаш свирено? Би ни ја раскажал ли? 

Првиот инструмент ми е гитарата за која морав многу да се борам. Брат ми свиреше во нижо на труба и потоа се откажа, па следствено беше моите да реагираат на тоа дека уште еден инструмент ќе седи така по дома. Приказната започна кога ги натерав родителите да ми купат гитара. Дента со татко ми ги прошетавме сите продавници каде се продаваа гитари, за другиот ден јас повторно да ги проверам, сите и да видам дека сите гитари што ги гледавме сеуште стојат на излозите. А ми беше ветено дека тој ден ќе ја добијам својата гитара. Си дојдов дома и нормално, штрајкував со глад. Но, гитарата беше позади вратата во кујна, така што не морав долго да гладувам :).

otac

 

Свириш на повеќе музички инструменти. Контрабас, гитара, клавијатури, тапани, сакс, ситар… Подразбира ли мултинструментализмот синергија и како се роди љубовта кон ситарот?

Секој инструмент си има своја убавина, а ако јас се прашувам, кога знаеш да свириш на еден веројатно знаеш на повеќе. Затоа што музиката е таа. Треба само да се разбере техниката на свирење на било кој инструмент. Ситарот и уште неколку индиски народни инструменти, како дилрубата на пример, или ешрај- како што го викаат во Пакистан, се инструментите кои отсекогаш ме фасцинирале, повторно ќе кажам на енергетско и духовно ниво. Теоретски и покрај многуте книги што ги прочитав за индиската музика, за нивните скали, мелодии, отсекогаш го свирев ситарот така како што го чувствувам. Музиката, а воедно и уметноста генерално, нема точен одговор. Се создава така како што ја чувствуваш, исто како и животот. На крај се сведува на тоа дека ако си ја сакаш работата, процесот секогаш ќе те тера да истражуваш и да се усовршуваш.

Колку се пронаоѓаш себе си во правењето филмска и театарска музика?

Можеби најубавата работа во животот е работата во театар и секако, на филм. Работата во театар е малку повозбудлива, затоа што никогаш ништо не се повторува, секоја изведба е различна. Работата на филм е малку порелаксирана, но исто толку убава, со тоа што си сам во студио и ја бараш соодветната музичка подлога за одредена емоција. Истражуваш акорди, мелодии, инструменти кои соодветствуваат со филмот, драмата, карактерите. Целосно уживање, како игра на мало дете кое за прв пат го открива светот околу него.

Која е рипката Беи? Дванаесет години порано, како се случи таа приказна?

Се дружевеме, се сакавме, се почитувавме. Не е тешко, уште го правиме истото. Свиревме заедно со Ненад во претходниот бенд БЕНЗОНА, а Вале му беше девојка на тогашниот менаџер на бендот. Бевме многу убава банда на убави луѓе. Продолживме со Ненад да работиме, само што место бенд користевме компјутер. Вале ја викнавме да пробаме да снимиме нешто и така се случи да продолжиме сите заедно. Во меѓувреме во  Bei The Fish имаше и други луѓе, но на крај остана почетната тројка.

На една од песните на вашиот последен албум велиш: „… кога ја изгубивме контролата? Не можеме да живееме со инстант душа…“ Велиш дека навистина би сакал да чуеш, зашто живееме време на инстант стравови. Колку творењето ти помага во справувањето со сопствените стравови?

Не знам веќе дали ги имам :). Во моментот кога ќе се помириш со идејата дека ништо не можеш да контролираш, дека сме само некоја игра на универзумот и дека сме тука по некоја случајност, единственото што ти останува е да постоиш, затоа што ти е дадено. И да живееш се’ додека не се случи спротивното :). Дадено ми е да се бавам со музика, со уметност и тоа го користам како коментар на се’ што се случува во мене и околу мене. Не секогаш ми се допаѓа тоа што се случува, но тоа е животот.

За последниот концерт најавувате интимна и емотивна атмосфера. Кое е чувството кое преовладува меѓу членовите на Bei The Fish при подготовките за истиот? Како изгледа една тонска проба за последен концерт?

Се забавуваме на проби исто како да ни е прв пат. Што се однесува за концертот, не можам ништо да кажам, ниту пак да направам, повеќе од тоа што е. Свирките на Bei The Fish  се такви како што се, како филмовите на Вуди Ален.

Постои ли нешто како вистински момент да се каже збогум, да се стави крај на едно музичко патување, патување кое од членовите на Bei The Fish направи семејство?

Bei The Fish никогаш официјално не започнува како бенд. Дружбата беше спонтана, така да не би било логично нештото да заврши. Фамилијата останува, како што кажав трочлена. Веројатно енергиите ни се погодија и можеме заедно и да јадеме, и да спиеме, и да се караме, и потоа пак да се сакаме. Многу тешко ни паѓа идејата за крај, но тоа сепак е само идеја. Можеби животот ќе не спои повторно во некое идно студио, на некоја идна сцена.

Тимот на Никулец искрено ви благодари за се што ни подаривте изминативе 12 години! Се гледаме во сабота!

Ви посакувам се’ најубаво! Се надевам дека некогаш, можеби и во блиска иднина, ќе ви подариме уште некое изненадување.

 

 

Никулец

Ако барем малку за него сте слушнале, а да се слушне има толку многу, за секаква извондредна приказна сте спремни. Висок старец со светлно сини очи, со ситни очила поткачени на поткривениот нос, долга, златникава брада педантно потпикната во појасот и задреманиот був Лазар на рамото. А на ликот – годините и мудроста, отцртани. Оној кој велел дека различните навики ништо не значат. Кој свои истомисленици собрал за училиште со отворени срца да создаде кое денес името негово го носи.