Зошто ни се збрчкува кожата во вода?

Се чини дека науката конечно најде одговор на прашањето зошто кожата на нашите дланки и стапала наликува на суво грозје после долг туш, и зошто всушност е тоа корисно.

Според една студија, неодамна направена на еден британски универзитет (Newcastle University), збрчкувањето на кожата на прстите им овозможува на луѓето полесно да фатат и задржат влажни предмети. Се смета дека ова било од особена важност во далечното минато, кога нашите предци биле изложени на влажни услови подолго време.

Секој што сака топла бања знае, дека кога дланките и стапалата се покиснати во вода подолго време, се формираат брчки на врвовите на прстите и кожата почнува да наликува на суво грозје или сува слива. Научниците некогаш мислеле дека ваквата појава е резултат на апсорцијата на вода на надворешниот слој на кожата, што доведува до нејзино набабрување. Но како што покажале најновите истражувања, всушност нервниот систем е тој кој ја контролира оваа функција, преку собирање и стегање на крвните садови под кожата.

Аналитичарите велат дека резултатите од студијата се чист, експериментален доказ за хипотезата дека брчките иницирани од вода го подобруваат држењето на влажни или мокри предмети. Па сепак, тоа не покажува како се постигнува ваквиот процес. Можно објаснување би било дека брчките ја канализираат евакуацијата на водата меѓу прстите и влажниот предмет.

Едно друго истражување од 2011 год. укажува на слични резултати за појавата на збрчкување на пристите кај приматите. Научниците и тогаш дошле до заклучок дека кожата на прстите кај макак мајмуните се збрчкува по подолго останување во вода, што пак во крајна линија го потврдува биолошкото толкување на феноменот.

За потребите на претходно споменатата студија, 20 учесници биле замолени да кренат влажни мермерни статуи, во неколку различни големини и тежини. На волонтерите им било кажано секоја задача да ја изведат еднаш со нормални, суви прсти, а потоа и со мокри. Луѓето со збрчкана кожа на прстите ги земале предметите за 12 % пократко време, од оние со суви раце.

Но ова не тера да се запрашаме зошто кожата не е постојано како суво грозје. Само замислете колку би било лесно да држиме чаша со врел чај, мобилен телефон, или некој друг мазен и лизгав предмет. Експертите од студијата велат дека ова најверојатно се должи на некаков губиток кај појавата на збрчкување на прстите. Со други зборови, во суви услови, негативните ефекти од појавата на збрчкување на кожата на прстите ги надминуваат бенефитите од истата.

д-р. Ото Јури

Професорот Ото Јури е училишниот лекар и главен на училишната лабораторија. Постојано е ведар, расположен и професионален во својата работа, бидејќи голем број од учениците имаат голем страв од лекари.