Перун

Перун, воглавно е балтословенско божество на громот и молњата. Култот кон богот кој владее со громовите, го потврдува Прокопиј (VI век), но не го наведува неговото име. Не е познато дали тој бил едновремено бог на небото и на громот. Словените, признавале еден валдетел на небото и земјата, еден бог, творец на громот и молњата и нему му поднесувале жртва. Дабот му бил посветен како свето дрво.

topkiperin

Старите Словени верувале дека Перун се јавува со пролетта, низ молњите, за да ја оплоди земјата со дождови. Со таквата своја благородна дејност тој ја будел природата од зимското мирување, носејќи живот и и овозможувајќи богати земјоделски плодови. Од друга страна пак, тој бил поим на страв.

Перун повеќе е познат од руски извори. Руските владетели, кнезови, болјари, го почитувале Перун како свое државно и воено божество. За време на склучувњето на договорот во Х век со Грците, Русите се колнеле во Перун и во богот Велес.

vlesiperun

Неговиот култ живеел, пред се, кај источните и западни Словени, но како најпознат кај Русите, некои истражувачи му припишуваат норманско потекло. Кај нив постоеле огромни статуи, односно идоли, во чест на Перун. Според тоа, произлегува дека неговиот култ бил доста проширен кај словенските народи, додека други, го сметаат за исклучиво руско божество.

Потеклото на Перун се објаснува на неколку начини:

Тој е бог од германско потекло; неговиот култ бил ограничен само кај Русите; богот Перун бил познат кај сите Словени, што значи дека бил бог на сите словенски народи.

Некои истражувачи, се сомневаат во постоењето на култот на Перун кај сите Словени – полски научници надоврзувајќи се на зборот „Перун“(пиорун), се на мислење дека не мора да значи дека во Полска постоел култ кон бог со тоа име, образложувајќија својата теза со тоа што, ако во Полска тој збор се употребувал во секојдневната комуникација на луѓето, не би можел тогаш да биде има на бог, раководејќи се од фактот дека светите изрази се чувани од профанацијата и не можат да бидат толку секојдневни. Тие се потчинети на јазично табу. А бидејќи тие ретко се употребуваат, лесно можат да исчезнат.

Според нив, за култот на Перун, главно, може да се зборува на Балканот, каде се почитува свети Илија како патрон на бурата и громот, кој се вози по небото во огромна кола влечена од коњи. Поаѓајќи од фактот дека Илинден во Русија (20ти јули) се слави многу свечено и се празнува со сите признаци на стариот култ, се претполага дека токму тој ден бил ден на громовникот Перун.

kdkdkd

Во согласност со тоа, се доаѓа до констатација дека сите аргументи не се стабилни, секој од нив со право може да биде отфрлен, па крајниот резултат зависи од дрбрата волја и верба на истражувачот, подредена на неговиот поглед и однос меѓу две крајности: признавањето на Перун како германско влијание, ограничен на Русија или, пак, бог на целото Словенство. Тука треба да се нагласи потребата од посебно внимание во концепирањето на заклучоците кога се користат разни извори и соодветно да се интерпретираат на дадената словенска почит.

Документацијата за Перун е релативно богата, како во античките и средновековни текстови, така и во народната култура. Верувањата во Перун се присутни не само кај словенските народи, туку и кај Балтите, на што укажуваат лингвистичките податоци, кои наведуваат на постара метрика на овој култ. На тоа, укажуваат и богатите фолклорни материјали собрани во одделни словенски земји од повеќе фолклористи и етнолози.

Во откривањето на култот на Перун, придонесле, меѓу другото, трудовите од областа на номастиката кај словенските народи. Според нив, типологијата на личното име е составена од коренот „пер“ и суфиксот „ун“, што содржи номен агентис – име за личност што спроведува дејност одредена од коренот на зборот. Старото теолошко име претпрело лаицизација и со тоа се поставил почетокот на терминот за означување на атмосферски појави. Во литванскиот и во летонскиот јазик, истиот тој збор служи за именување на божеството на громот.

a3416e63e251ca463fe8466f29ff5221

Коренот „пер“ станува разбирлив од општословенскиот „пер“ и неговите изведби:

На пример, со глаголот „пери“, што означува „удар“ (нанесува удари),  „чука“. Во западномакедонските говори, глаголот „перам“, „операм“, значи „натепува“ или дури и „отепува“ (охридско-струшки регион). Глаголот „перам“, е сврзан со начинот на перење, тоа значи „чукање“, „удриање со пералка“. Оттука Перун значи: „тој што удара“.

Балтиските народи почитувале слично божество кое на литвански го викале „Перкунас“, на старопруски „Паркунс“, а на летонски „Перканс“, со нешто подруг корен – „перк“, кој исто така се покажал како подобен во следењето на генеологијата на изразите и религиозните поими, задлабочени во далечното индоевропско минато.

Пишани извори кај јужнословенските народи – нема. За присуството на божеството Перун кај нив сведочат топографските имиња. Тие имиња се поврзани со извори и планини, тоа значи места кои служеле како култни.

Во согласност со нашите истражувања водени во Мариово, забележуваме интересен податок кој зборува за присуството на Перун во македонските религиозни верувања. Според овој податок, Перун бил бог на „луѓето што растат“. Семантиката на овие зборови, евентуално би се состоела во: од на зрелоста на човечкиот живот. Истиот извор укажува дека Дабог бил бог на раѓањето, на милоста, а божицата Морена на смртта. Перун се наоѓал на врвот на пантеонот на божествата од Мариово, поаѓајќи од верувањето дека тој се движел по „високите места, по ридовите“, дека „гледал далеку и блиско“ што се случувало.

Култот на Перун посебно доаѓа до израз во словенската, а посебно во јужнословенската топонимија и тоа: Пирин, Перун, Перунац, Перуновац, Перуничка, потоа Перушице, Перудина, Перутовац и слично. Во Македонија се среќаваат повеќе топоними сврзани со култот на Перун, како: Пирин, Перин, Перун, врвот Перен во Кумановско. Во Мариово се наоѓа врвот Перун, над селото Витолиште.

Непосредно до врвот Перун, се наоѓа врвот Трибор. Нашите размислувања во врска со овој топоним тргнаа во следниов правец. Семантиката на Перун, како попроѕирна, овозможува да се дешифрира и семантиката што се крие во оронимот Трибор. Во Трибор, може да се крие постара форма на Требор, односно од „треба“ – место каде што се поднесува жртва и „бор“ – со евентуално значење на избор, што семантички се вклопува во значењето на зборот „треба“ . Со еден збор, ако оваа претпоставка се покаже како точна, Трибор би означувало избрано место каде се поднесувало жртва во чест на божеството Перун.

Во македонската топонимија, како и во топонимиите на некои други словенски народи, има повеќе култни места каде во минатото се поднесувале жртви во чест на паганските божества, а чие потекло е поврзано со терминот „треба“, со значење на жртва. На пример, топонимот Требиште – село во Дебарско.

Во една песна од тој крај се пее:

perun1

Пуста си Перун планина,

Ти шчо си лична прелична,

Уште да не си поморна.

Со името на божеството Перун се поврзува и билката Перуника. Според народните верувања, Перуника се смета за „мртвачко цвеќе“ и директно е поврзано со светот на мртвите. Со името на Перун посредно се поврзуваат и личните имиња: Перун за машките, Перуна и Перуника за женските.

Во јужнословенската обредна практика за време на големите суши се изведува обредот „пеперуда“, односно „додоле“. Основното обредно лице тука е пеперудата – чисто девојче кое нема достигнато полова зрелост, најчесто сираче, кое се кити со зрели гранки. Заедно со други девојчиња на иста возраст, ги обиколуваат куќите. Застанати во круг, девојките исполнуваат песни со молба за дожд кон Господ или свети Илија, а девојката ја поливаат со вода низ решето. По овој чин домаќинката изнесува брашно, јајца, ставени на сито кое се врти и се бае за добар бериќет. Во основата на обредот пеперуда е поливањето со вода како имитативно, магиско дејство.

Во врска со етимологијата на овој обред и на обредното лице, постојат повеќе мислења. Според некои, тоа е женска форма настаната од името на Перун со удвојување на коренот, односно редупликација на коренот, со кој се означува богот, громовникот Перун: кај Македонците и Бугарите – пеперуда, пеперуга; кај Србите и Хрватите – пеперуша; кај Романците – папаруда.

Перун, како старословенско божество бил почитуван од сите словенски народи низ целото историско постоење, со тоа што култот кон него посебно бил јак кај источните Словени. По прифаќањето на христијанството, неговите функции на громовник биле пренесени на свети Илија.

Извор: Народна Митологија на Македонците - Танас Вражиновски, 1998

 

Никулец

Ако барем малку за него сте слушнале, а да се слушне има толку многу, за секаква извондредна приказна сте спремни. Висок старец со светлно сини очи, со ситни очила поткачени на поткривениот нос, долга, златникава брада педантно потпикната во појасот и задреманиот був Лазар на рамото. А на ликот – годините и мудроста, отцртани. Оној кој велел дека различните навики ништо не значат. Кој свои истомисленици собрал за училиште со отворени срца да создаде кое денес името негово го носи.