Велес

Божеството Велес е познато како „скотски бог“, што значи бог на стоката: на домашните животни, на добитокот и на стадата. Соодветно на тоа, тој може да се јавува и како заштитник на овчарите кои го почитувале. Истовремено е и покровител на полодноста, на трговијата и на богатството, воопшто. Велес се смета за општословенски бог, а некои го идентификуваат со Волос и во тоа гледаат доказ за големата распространетост на култот за овој бог. Оттука и некои проблеми што произлегуваат на релацијата Велес- Волос.

velesbeloСпоред некои научници, едно од основните прашања што се однесува на ова божество е: „Дали определбата „бог на стоката“, истовремено означува и ограничување на неговата власт само во стопанските дејности?“ Исто така, постојат мислења дека тој е покровител на подземниот свет, кому старите Словени му оддавале почит.

Некои истражувачи на словенската митологија, ја отфрлуваат мислата дека Велес би можел да биде бог, покровител на стоката, тврдејќи дека кон крајот на епохата на паганството, погрешно го помешале со св. Влас, патрон на стоката. Интересно е да се спомене и гледиштето, според кое, немало никаков словенски бог Волос или Велес, туку би требало да постои само св. Влас, чиј култ од византиските Грци преминал кај балканските Словени, а потоа кај Русите и веќе кон крајот на Х век, во времето на склучување на договори со Византија во 971 година, се сметал за суштество, рамноправно со божеството Перун, односно како противник на богот громовник. Веројатно Велес бил божество на руските трговци, особено на владеачките слоеви и тоа се смета како негова второстепена функција.

Велес, како хтонско божество поврзано со водата, првенствено со подземните води и со подземниот свет, може да се смета, не како противник на Перун, туку како негов антипод.

Во некои фрагменти што се однесуваат на руско-византиските договори од 907 година, стои дека рускиот кнез Олег, со неговите воини повикани на заклетва, според руското право, се колнеле на своето оружје и на Перун – како свој бог и во Велес, богот на стоката, со што се потврдувал мирот на таков начин. Во „Слово о полку Игорове“, поетот-пророк Бојан, се иманува како внук на Велес, што значи дека старото словенско божество Велес се сметал и како бог на уметноста и на поезијата, а во таа смисла и како покровител на поетите, песнотворците и сл.

Името Велес се спомнува и во некои чешки извори од XV и XVI век како демонско суштество, односно ѓавол.

Во литературата што се однеснува на ова божество е проширено мислењето дека култот на Велес – Волос, го наследил св. Влас, како покровител на стоката и пастир. Неговата традиција се градела врз основа на стариот култ на богот на стоката Велес кај источните Словени. Во Русија до крајот на XIX век го славеле св. Василиј, како заштитник на стоката. На Власов ден (11 февруари), во некои места, селаните не работеле со уверение дека на таков начин ќе ја заштитат својата стока. На тој ден се изведувале и некои религиозни обредни практики. Над поранешните светилишта на Велес, кај источните Словени се подигнати цркви на св. Влас.

Обично, Велес се јавува на второто место по Перун, кога настапува броењето на извесен број на пагански божества, а ако се ограничи оваа листа само на двајца, тоа секогаш се Перун и Велес. Без оглед на тоа, зачудува што во пантеонот на кнез Владимир – големиот кнез на Киев, кој преминал кон христијанството во 988 година и се слави како светец – отсуствува Велес. За некои научници тоа би требало да значи доказ дека Владимир него не го сметал за бог и дека бил свесен за неговото христијанско потекло.

 

Рангот на божеството Велес, во почетокот на христијанството, би требало да биде висок, раководејќи се од фактот дека разурнувањто на статуата на Велес, било извршено кон крајот на XI век, во Ростов и тоа од камен, во името на св. Аврамиј Ростовски.

Името Велес, се среќава во старословенскиот апокриф „Одењето на Богородица по маките“, кој од грчки на старословенски бил преведен во Х век. Во овој апокриф, лицата претворени во богови се определени на следниов начин: Тројан, Хорс, Велес и Перун.

За ширењето на култот на Велес, секако сведочат имињата на места со тој корен. На пример: нашиот град Велес, потоа планината Велес во Босна, Волошани и Волосач во Белорусија, реката Велес крај Смоленск и сл. Исто така, за траги од култот на Велес зборуваат и македонските лични имиња Веља и Вељо и презимето што произлезе од ова име – Вељановски.

Извор: Народна Митологија на Македонците - Танас Вражиновски, 1998
Никулец

Ако барем малку за него сте слушнале, а да се слушне има толку многу, за секаква извондредна приказна сте спремни. Висок старец со светлно сини очи, со ситни очила поткачени на поткривениот нос, долга, златникава брада педантно потпикната во појасот и задреманиот був Лазар на рамото. А на ликот – годините и мудроста, отцртани. Оној кој велел дека различните навики ништо не значат. Кој свои истомисленици собрал за училиште со отворени срца да создаде кое денес името негово го носи.