Што се митови и легенди?

Го знаете ли значењето на митовите и легендите? Знаете ли дека без нив, луѓето во дамнешните времиња не можеле да си ги објаснат случувањата околу себе?

Легендите се приказни за човековите дејства кои се дел од човековата историја и секогаш содржат одредена поука. Таквите приказни раскажуваат за чудни настани кои според раскажувачот навистина се случиле. Легендите се традиции на сите култури кои со текот на времето се менуваат, со цел да ја задржат својата приказна.

Митот е комбинација од повеќе симболи. Митовите се свети раскази кои објаснуваат како светот стигнал до моменталната состојба во својот развој. Митовите се приказни за јунаци, богови и херои. Тие содржат натприродни ликови и настани, алегории и персонификации на природните појави, или пак објаснувања за народните обичаи.

Приказните кои настојуваат да ја одгатнат мистеријата за создавањето на светот се нарекуваат митови за создавањето.

Јапонците сметале дека Земјата некогаш била маса без облик. Богот Изанаги и божицата Изанами ја мешале таа маса со копје. Постепено масата згуснувала и паѓајќи од копјето го создала островот Јапонија. Богот и божицата се венчале и добиле деца кои станале осумте јапонски острови.

Според египетската митологија, животот започнал од водата. Првиот остров се издигнал од водата. Големата птица, наречена Големиот ѓурултаџија, се спуштила на земјата и го снела светското јајце, од кое се родил првиот живот.

Илјадници години луѓето од различни делови на светот, го обожувале ликот на божицата на земјата или Големата Мајка. Верувале дека „мајката на светот“ им дава живот на растенијата, животните и луѓето. Бидејќи силата на плодноста ја одржува иднината на човештвото, божицата на земјата отсекогаш имала многу важна улога во митологијата.

Меѓу познатите легенди е легендата за британскиот крал Артур, кој бил водач на романо-келтската Британија од V до VI век и ја предводел против саксонските освојувачи. Легендата раскажува како на кралот Артур, Самовилата од езерото му го дала чудотворниот меч Екскалибур. Според друга легендта, кралот Артур го извлекол мечот од еден камен, со што докажал дека тој е вистинскиот крал.

Митовите и легендите на светските култури ги има во многу голем број. Од овој час, ја започнуваме оваа неисцрпна тема по предметот Симболи. За наредното предавања, подгответе се за средба со митските ѕверови.

Проф. Фалкон Код

Професорот Фалкон Код е најмистериозниот професор во училиштето. Потекнува од Египет, од подвижниот остров Хемо, кој постојано плови по површината на водата. На своја пет годишна возраст ги научил сите симболи на египетската хиероглифска азбука. Научил да ги препознава тајните знаци насекаде околу себе: на небото, на земјата, низ пирамидите и во природата.