Грифин

Легендарните и митолошки суштества се животни чие постоење се евидентира во приказните за натприродното. Поради недостатокот од фосилни остатоци за таквите суштества, нивното постоење го истражуваат голем број современи зоолози. Но, некои легендарни суштества, како еднорогот, биле евидентирани во историјата на природата од неколку антички истражувачи.

Дел од легендарните и митолошки суштества имаат потекло од традиционалните митологии и за нив сеуште се верува дека постоеле: змејовите, еднорозите, грифините. Други суштества, потекнуваат од приказните и записите на патувачите.

Грифин, или грифон, е митско суштество со тело, опашка и задни нозе на лав, а глава и крила на орел, како и орлови канџи на местото на предните нозе. Бидејќи лавот е традиционално сметан за кралот на животните и ѕверовите, а орелот за кралот на птиците, грифинот бил сметан за посебно моќно и величествено суштество.

Грифинот бил сметан за кралот на суштествата. Грифинот е познат и како заштитник на традиционалните богатства. Еден класичен фолклорист, Адријан Мајор, претпоставувал дека грифинот е древна заблуда која потекнува од фосилните остатоци на диносаурусот Protoceraptops, пронајдени во рудниците за злато на Алтајските Планини, во поранешна Скитија. Во античкиот период, грифинот бил симбол на божествена моќ и чувар на боженственото.

Грифинот е најчесто сретнуван во традициите на античка Грција, Персија и Египет, кои датираат од 3000 година п.н.е.

Најраниот опис на грифин, се фреските од Кносос, древниот град на островот Крит и престолнина на кралот Минос, кои датираат од XV век п.н.е.

Во централна Азија, грифинот се појавил околу илјада години по бронзеното доба, во V век п.н.е. веројатно потекнувајќи од Персиското царство. Во Персиското царство, грифинот бил сметан за заштитник од злото, од волшебништвото и од тајните клетви.

Робин Лејн Фокс, во книгата „Александар Велики“, опишува сцена од мозаик пронајден на експедиција во престолнината Пела, во која грифин напаѓа елен. Робин го забележува грифинот како амблем на кралството Македон, или пак како личен амблем на Александар.

Според средновековната традиција, грифините се спарувале со своите партнери за целиот живот. По смртта на едниот партнер, другиот го продолжувал својот живот сам.

Во хералдиката, обединувањето на лавот и орелот во грифин, претставувало одлика на храброст и смелост. Грифинот како моќно суштесштво, во хералдиката се користел за да се означи сила, воена храброст и лидерство.

Во литературата, во „Божествената комедија“, епското дело напишано од Данте Алигери, Беатриче заминува кон Рајот за да го започне небесното патување летајќи на грифин кој се движи побрзо од молскавица.

Во филмскиот серијал „Хари Потер“, Годрик Грифиндор е еден од основачите на Хогвортс, по кој е именувана и Годриковата долина. Грифиндор ги поседувал следните особини: храброст, решителност и големо срце. Неговото презиме е варијација на францускиот збор „ griffon d’or “, што означува златен грифин.

Проф. Фалкон Код

Професорот Фалкон Код е најмистериозниот професор во училиштето. Потекнува од Египет, од подвижниот остров Хемо, кој постојано плови по површината на водата. На своја пет годишна возраст ги научил сите симболи на египетската хиероглифска азбука. Научил да ги препознава тајните знаци насекаде околу себе: на небото, на земјата, низ пирамидите и во природата.