Што е ехо?

Постои една многу стара легенда, со која античките Грци си го објаснувале ехото, или одекот во планините. Легендата вели дека многу одамна, живеела една многу убава самовила по име Ехо, која имала само една мана – премногу зборувала. За да ја казни, богињата Хера и’ забранила да зборува, освен ако некој не и’ се обрател, а и тогаш смеела само да го повтори она што ќе го чуела. Еден ден Ехо здогледала прекрасен млад човек по име Нарцис. Веднаш се заљубила во него, но тој не и’ возвраќал на љубовта. Ехо била толку многу тажна, што на крајот овенала од тага. Останал само нејзиниот милозвучен глас, кој луѓето го слушале како одек на нивните зборови во планините.

Се разбира, оваа тажна легенда не ја објаснува вистинската причина за настанувањето на ехото. Звукот на отворен простор се движи со брзина од околу 360 метри во секунда. Движењето е налик на кружни бранови, слично како кај концентричните бранови кои се создаваат кога ќе фрлиме камче во вода. Звучните бранови поаѓаат од изворот во сите правци, како светлината која ја шири електричната сијалица. Кога звучниот бран наидува на некоја препрека, тој може да отскокне, или да се одбие од истата, како што е случајот и со одбивањето на светлината. Кога звучниот бран ќе се одбие на овој начин, се слуша како одек. Според тоа, ехото е одбиен звук кој се повторува.

Меѓутоа, наидувањето на препреки не секогаш предизвикува одек на звукот. Некои предмети не одбиваат звук, туку го впиваат. Тоа значи дека звукот не се враќа и нема одек. Одекот обично се јавува кај мазни, правилни површини, како што е ѕид, тврда карпа, страна на куќа, или засводен кров. Интересно е тоа што и облаците одбиваат звук и може да предизвикаат ехо. Всушност кога го слушаме татнежот на грмотевиците, тоа е одек на првобитниот силен тресок чиј звук се одбива од облаците.

Проф. Корделија Примат

Едно од семејствата кои живееле во близина на Шумата на чудата, било семејството на Корделија Примат. Таа живеела со своите родители, госпоѓа Биота Примат, која била колекционер на растенија, и господин Кварц Примат кој бил изработувач на стакло...