На кој начин се снима звукот на грамофонска плоча?

Со сите можни уреди за висококвалитетно репродуцирање на звукот во нашите домови, ние денес сме секако далеку од едноставниот грамофон кој го пронајде Томас Едисон. Меѓутоа, основниот принцип на бележење на звукот и денес останува ист.

Веќе знаеме дека звуците, и гласовните и музичките, се предизвикани од вибрации, односно треперења на воздухот. За да се репродуцира, т.е. одново да се произведе звукот, тие вибрации мора да се “уловат”. Да речеме дека вибрациите на воздухот се уловуваат на влезниот дел на една цевка. На другиот крај од таа цевка се наоѓа една еластична мембрана и алатка за врежување. Како вибрацијата навлегува низ цевката, така мембраната затреперува, а алатката за правење резови се поместува заедно со неа.

Истовремено, под алатката кружи плоча направена од мек материјал сличен на восок. На површината на таа плоча се наоѓа една непрекината спирална линија, која во вид на вдлабнатина започнува од надворешната страна на плочата и продолжува кон средината. Шилецот на алатката лежи во таа длабнатина, така што неговото треперење и вибрирање запишува траги во истата. На тој начин, велиме дека вибрациите се фатени, уловени.

Да претпоставиме сега дека алатката за врежување е отстранета и дека на нејзино место е поставена игла. Сега иглата ги следи обележаните траги во длабнатината, што пак предизвикува вибрирање на мембраната. Мембраната која вибрира го поместува воздухот во цевката, на тој начин репродуцирајќи ги претходно уловените звуци.

Секако ова е наједноставниот, основниот принцип на кој се заснова работењето на грамофонот. Современите методи на снимање плочи се далеку посложени. Така на пример, звучните бранови може да бидат претворени во електрична струја. Променливите звучни бранови произведуваат променлива електрична струја. Таа струја потоа се појачува и се пренесува на магнет, за кој е поврзана алатка за правење резови.

“Собирајќи” го звукот од грамофонската плоча, иглата врши притисок на кристал во рачката на грамофонот. Тој кристал создава електрична струја, која се менува со вибрирањето на иглата. Оваа струја се засилува и се пренесува на звучникот, создавајќи со тоа вибрации кои ние ги слушаме како звук.

http://www.youtube.com/watch?v=-CGPPyHUOOo

Проф. Опус Харф

Професорот Опус Харф е фаун, човек со козји нозе и рогови. Тој е најмладиот самозаљубен професор во училиштето Никулец. Роден е во Баритон, најмузикалниот град во околината на Месечевите Планини. Таму научил да свири на сите музички инструменти. Научил да пее и создава музика уште од пет годишна возраст.