Диџириду

Диџириду е дувачки инструмент кој потекнува од северните области на Австралија. Домородните народи од овие краишта, во прв ред Абориџините, го создале инструментот пред околу 1500 години. Понекогаш луѓето го опишуваат како „дрвена труба“, или „зуечка шупелка“. Не постојат сигурни докази кои би посведочиле за староста на инструментот. Според археолошките студии за карпестата уметност во Северна Австралија, луѓето од регионот Какаду свиреле на диџириду нешто помалку од 1000 години. Ваквиот заклучок се заснова на датирањето на сликите од пештерските ѕидови и засолништата од тоа време.

Се смета дека Абориџините имаат долга и континуирана културна историја, подолга од било која друга човечка заедница во светот, а музиката завзема значајно место во нивната култура. Во абориџинската традиција, диџиридуто се свирело за време на танцувањето и верските церемонијални обреди, вклучувајќи ги овде и погребите, иницијациите и лекувањата.

Иако диџиридуто се смета за национален инструмент на австралиските Абориџини и еден од најстарите дувачки инструменти во светот, традиционално се врзува и за луѓето од Арнхемските земји на Северна Австралија, и тоа исклучиво за мажите од племето Јолунгу. Тие илјада години макотрпно трагале по шупливи гранки од еукалиптус, за да го направат овој необичен инструмент. Сувите гранки од кои се изработувал, обично претходно биле природно издлабени од термити. Денешните диџиридуа се изработуваат од различни природни и вештачки материјали.

Важи за инструмент кој воопшто не е лесен за свирење. Звукот кој го произведува многу наликува на звуците што ги испуштаат слоновите, а понекогаш се поврзува и со звукот на хорната. Името на инструментот најверојатно се однесува на извиците кои ги правеле Абориџините при повикувањето на животните и птиците. На него се свири, така што усните на отворот константно вибрираат, а притоа се користи посебна техника на кружно дишење. Ова подразбира вдишување на воздухот преку носните шуплини, со симултано издишување преку усниот отвор, со користење на јазикот и образите. Ваквата техника им овозможува на вештите музичари симултано заменување на воздухот низ дишните патишта. Совладувањето на техниката воопшто не е едноставно. Сепак постојат луѓе кои можат непрекинато да свират на диџириду 40 до 50 минути.

Современото диџириду обично има цилиндрична, односно конусовидна форма и може да биде долго од 1 до 3 метри. Најчесто диџиридуата се изработуваат со должина од 1,2 метри. Генерално, колку е подолг инструментот, толку е подлабок звукот кој го произведува. Дополнително, на висината на тоновите влијае и зголемувањето на ширината од едниот до другиот крај. Така, без оглед на должината, доколу е понагласена конусната форма на инструментот, звукот ќе биде подлабок.

Иако не е неопходна декорацијата на инструментот, најголемиот број диџиридуа се насликани од надворешната страна. Дамнешните диџиридуа ги цртале изработувачите, а денес не ретко се инспирација за посветените уметници од најразлични краеви на светот. Техниките на сликање можат да бидат традиционални и современи, но секогаш се настојува да се зачува природната гранулација на дрвото, со минимална, или без воопшто никаква декорација. Често се случува денешните производители намерно да ја избегнуваат декорацијата, или да го остават инструментот ненасликан, односно да им го препуштат овој дел од подоцнежните фази од изработката на домородните Австралијанци.

Во некои племиња се сметал за свет инструмент, кој било дозволено да го свират само мажите. Свирењето диџириду било табу тема за жените. Абориџините верувале дека малите девојчиња би можеле да се соочат со низа негативни последици, дури и само ако го допреле инструментот. Се верувало дека кога ќе пораснат, девојчињата кои го допреле можело да станат неплодни. На жените не им било дозволено ниту пеењето. Тие смееле само да танцуваат. Ваквата прохибиција сеуште цврсто егзистира во неколку домородни групи на Североисточна Австралија. Тамошното население строго забранува жени да свират на инструментот. Прекршувањето на забраната, како и користењето на инструментот во создавањето на New Age музиката без оглед на полот на изведувачот, го сметаат за „културна кражба“.

Диџиридуто денес има една од главните улоги на експерименталната и авангардната музичка сцена. Некои луѓе го опишуваат како калеидоскоп на звуци. Свирењето на диџириду се смета за екстремно тешка, виртуозна техника, каква не се среќава на ниедно друго место во светот.

Текст: Милена Крстева

micha

Проф. Опус Харф

Професорот Опус Харф е фаун, човек со козји нозе и рогови. Тој е најмладиот самозаљубен професор во училиштето Никулец. Роден е во Баритон, најмузикалниот град во околината на Месечевите Планини. Таму научил да свири на сите музички инструменти. Научил да пее и создава музика уште од пет годишна возраст.