Кое е најдлабокото езеро во светот?

Знаете ли кое е најдлабокото, најволуменозното, најстарото и најчистото езеро во светот? Знаете ли дека повеќе од две третини од растителниот и животинскиот свет во тоа езеро се всушност ендемични видови?

Бајкалското езеро, уште познато како “Сибирскиот бисер”, се наоѓа во источниот дел на азиска Русија, поточно во јужниот дел на Сибирскиот регион. Тоа е најдлабокото езеро во светот и второ по површина во Азија (веднаш после Каспиското море). Административно се наоѓа во две области, во Иркутската област на северозапад и во Бурјатската Република на југоисток. Неговото име води потекло од татарскиот назив баи-кул, што во буквален превод би значело “богато езеро”.

Најголемата длабочина на езерото достигнува 1642 метри. Ако се земе во предвид и вкупната негова површина од 31.722 km², тогаш не изненадува податокот дека во него се наоѓа преку 20% од вкупното количество слатка површинска вода во светот. Езерото е 636 km долго (седмо по должина во светот) и околу 50 km широко. Било создадено во длабок, стар расаден блок, пред околу 25 милиони години. Ова значи дека не само што е најдлабоко, туку е и најстаро езеро во светот. Се смета дека раседот и натаму е активен, бидејќи езерото годишно се шири за околу 2,5 cm.

Бајкалското езеро е познато и под називот “Сино сибирско око”, а според кинеските записи се нарекувало и “Северно езеро”. Некои луѓе го нарекуваат “Постарата сестра од сестринските езера” (Бајкалското езеро и Ховсголското езеро). Тоа е едно од најчистите езера во светот. Од западната страна е ограничено со планини, а на источниот брег има зарамнети падини. Најдлабоките делови се наоѓаат во средината и во јужниот дел. Слоевите од седимент на езерското дно, на некои места можат да достигнат и до 7 km. Благодарение на постојаното полнење со студена вода, пониските слоеви на езерото се богати со кислород , па животинскиот свет може да се најде на речиси сите длабочини. Езерото се снабдува со вода од многуте реки (повеќе од 300), главно по должината на неговиот источен брег. Овде како најголеми се издвојуваат Баргузин и Селенга, кои при вливот на езерото прават делта. Бајкалското Езеро добива вода и од врелите, слатководни подземни извори во езерското корито. Иркутск се наоѓа во близина на јужниот дел на езерото, на местото од каде истекува реката Ангара (десна притока на Јенисеја), единствениот истек од ова езеро. Во него се наоѓаат 27 острови, од кои како најголем се издвојува островот Олхон (742 km²).

Бајкалското езеро е замрзнато шест месеци во текот на годината, од јануари – па се до мај. Ледот на површината на езерото достигнува длабочина од 1 метар. За време на зимскиот период, кога целата површина на езерото е прекриена со дебела ледена кора, се режат коцки лед и потоа се разнесуваат по околните населби за продажба. Водата од ова езеро се користи за пиење.

Бајкалското езеро има богат биодиверзитет. Тоа е домаќин на 1085 видови растенија и 1550 видови животни. Повеќе од 80% од животните се ендемични видови. Бајкалската фока на пример, е една од трите видови слатководни фоки во светот (останатите две се подвидови на Прстенестата фока, кои ги населуваат поларните области). Epischura baikalensis е доминантен вид на зоопланктон во езерото. Станува збор исто така за ендемичен вид, кој сочинува 80 – 90 % од неговата биомаса. Од флората, како најкарактеристичен пример се издвојува мочурливиот трн Cirsium palustre, кој се протега на источната граница од географскиот опсег на езерото.

За време на зимските месеци, околните планини го насочуваат движењето на силните бури по должината на Бајкалското езеро. Па сепак, езерото претставува важен извор на храна за жителите кои ги населуваат неговите брегови и покрај фактот дека најголем дел од годината е покриено со мраз. Тамошните рибари применуваат традиционални начини на риболов, низ дупки направени во мразот. Од 56-те видови риби кои егзистираат во водите на Бајкалското езеро, најмногу се лови белицата, позната уште и како бајкалски омул. Мештаните во Бајкалскиот предел одгледуваат и кози, камили, говеда и овци. Регионалната просечна температура овде варира од −19°C во зима, до максимум 14°C во лето.

Во 1996 година, Бајкалското езеро беше ставено на листата на Светско културно и природно наследство во рамките на UNESCO.

Проф. Атлас Грегор

Aтлас Грегор е најмрачниот професор во училиштето. Тој е човек со шилеста брада, збрчкано бледо лице, долга коса и мек воздржан глас. Постојано е облечен во црна облека, со огромен бел околувратник и навидум наликува на гавран. Не е многу висок, но неговата појава зрачи со сериозност, авторитет и контрола.