Компас

Сте се запрашале ли некогаш кој го измислил компасот? И како тој функционира?

Компасот е инструмент кој реагира на магнетското поле на Земјата и служи за одредување на страните на светот. Најголемиот број компаси се состојат од магнетска игла прицврстена на оска, на тој начин што иглата може да се заврти во сите правици. Иглата на таквиот компас е свртена кон север, односно кон северниот магнетски пол на Земјата. Бидејќи е познато каде се наоѓа тој пол, сите копнени и водени површини може да се нацртаат на мапа во однос на него. На тој начин, компасот може да ги води патниците во посакуваниот правец, секаде низ светот.

Кој и каде за прв пат открил дека намагнетизираната железна игла која слободно се врти во круг, секогаш ќе покажува кон север? Одговорот на тоа прашање никој не го знае. Едно време се сметаше дека е тоа пронајдок на Кинезите, уште пред 4500 години, но денес таквото тврдење се оспорува. Меѓутоа, во секој случај Кинезите биле едни од првите народи кои го познавале принципот на работа на компасот. Арапските трговци биле тие кои го пренеле овој генијален изум во Европа. Познато е дека во XII век, компасот веќе бил добро познат на овие простори.

Се верува дека најстариот компас се состоел од намагнетизирана игла поставена на дрвен крст, кој пливал во сад со вода. Потоа почнало да се употребува игла која била поврзана со друга игла, прицврстена за дното на садот. Во почетокот се земал во предвид само правецот север – југ и садот се поставувал на тој начин да северниот крај на иглата го допира северниот дел на садот, кој пак бил обележан со бројка. На крајот, на самата игла се закачувале карти обележани со точки.

Како што знаете, северниот магнетски пол и географскиот Северен пол не се наоѓаат на исто место. Северниот магнетски пол е на најсеверната точка на арктичката обала во Северна Америка, на полуостровот Бутија. Сите компасни игли на северната Земјина полутопка се свртени кон тој правец. Старите народи не знаеле за разликата меѓу северниот магнетски пол и географскиот Северен пол. Тие живееле далеку и од едниот и од другиот, па им се чинело дека иглата на компасот е секогаш насочена кон север. Нешто подоцна, морепловците кои со бродовите отпловувале далеку од своите живеалишта, ја забележале таа разлика и тоа навистина ги збунувало. А можете да замислите колку само биле вчудоневидени оние кои пловеле во Арктичкото море околу Гренланд, кога виделе дека во некои краеви на тие области иглата на компасот била речиси свртена кон запад.

Денес, примената на компасот е сé позначајна. Со текот на времето, оваа направа се развивала и усовршувала за најразлични потреби. Така, почнале да се изработуваат и специјализирани компаси, како што е жиромагнетскиот компас, геолошкиот, пилотскиот, радио компасот итн.

Проф. Икар Нобел

Професорот по предметот Иновации, Икар Нобел, е најдобро подготвениот професор во училиштето. Постојано носи мало торбиче во кое можат да се најдат безброј предмети како: биксвити, клуч од неговиот кабинет во училиштето, сијалички, марамчиња, алати, лупа, чекан, пеперминт, а понекогаш и неговиот миленик – ракунот Мико.