Венера

Знаете ли дека денот на Венера трае подолго од годината? Знаете ли дека најголемиот дел од нејзините географски формации носат имиња на мистични жени од историјата?

Венера била божица на љубовта во римската митологија. Ако се суди по големината, Венера слободно може да се нарече сестра на Земјата. Ниту едно друго тело во Сончевиот систем нема толку слична големина и маса. Дијаметарот на Венера е само 650 км помал од оној на Земјата, а нејзината маса е 82 % од земјината. По Месечината, таа е вториот најсјаен објект кој може да се види на ноќното небо. Најголема видливост има пред изгрејсонце и малку по зајдисонце. Од таа причина, кај народите на овие простори позната е како „ѕвезда деница“, односно „ѕвезда вечерница“.

Венера се движи спротивно од правецот на кој се движат останатите планети од Сончевиот систем. Гледано од површината на Венера, Сонцето изгрева на запад, а заоѓа на исток. Причината за ова е токму ретроградната ротација околу својата оска. Имено, поголемиот дел од другите планети (со исклучок на Уран и Плутон) ротираат проградно. Затоа Сонцето, кога се наоѓате на нив, привидно се движи од исток кон запад. Необична е и бавноста со која Венера ротира околу својата оска. Потребни и’ се 243 земјини денови за да заврти круг околу себе. Годината на Венера пак, времето потребно за да заврти круг околу Сонцето, е нешто покусо, 224,7 земјини денови. Меѓутоа, од слични причини како кај Меркур, кога би се наоѓале на Венера, денот не би траел 243 земјини денови, туку „само“ 117. Причината за ретроградното движење, како и за бавната ротација, сеуште не е точно одредена, но се смета дека е можно да настанале како резултат на гравитационото влијание на Земјата, или на судир со некое големо тело (поголемо од Месечината) во времето кога Сончевиот систем бил сеуште во формирање. Наклонетоста на оската на ротација во однос на рамнината по која се движи околу Сонцето е 0,7°, односно ако се земе во предвид ретроградното движење 177,3°, што би значело дека Венера нема годишни времиња. Таа нема ниту природни сателити во својата орбита.

Венера има опашка мошне слична на опашките од кометите, опашка која се протега на четириесет и пет милиони километри во вселената. Опашката на Венера е откритие на сателитот SOHO кој се наоѓа во орбитата на Земјата, а податокот е објавен во 1997 година. Древните народи всушност мислеле дека Венера е комета. За неа зборувале како за долгокоса, маѓепсана ѕвезда. Верувале дека Венера зема форма на божица во својата убавина и во својот ужас. Некои од нив верувале дека била огнен змеј кој ја нападнал Земјата.

Се смета дека околу 80% од површината на Венера ја сочинуваат вулкански рамнини. Два високи континенти го сочинуваат остатокот од површината. Едниот лежи на северната хемисфера и е наречен Иштар Тера, по Иштар, вавилонската божица на љубовта. Овој континент е со големина на Австралија. Максвел Монтес, највисоката планина на Венера, се наоѓа на овој континент, а нејзиниот врв се издига 11 километри над површината на Венера. Вториот континент е наречен Афродита Тера, по грчката божица на љубовта и убавината. Тој е нешто поголем од Иштар Тера, одн. со големина на Јужна Америка. Поголемиот дел од овој континент претставува мрежа од пукнатини и расади. Покрај кратери, планини и долини, Венера има и голем број уникатни формации на површината. Меѓу другото, тука се вулканските формации со тапи врвови наречени фара, кои наликуваат на палачинки, со ширина од 20-50 километри и висина од 100-1000 метри. Несекојдневните, радијални, ѕвездолики системи од процепи наречени се новае. Постојат и формации со радијални и концентрични процепи кои наликуваат на пајакова мрежа, па оттука и нивното име – арахноиди. Корните, кои претставуваат кружни прстени од процепи, понекогаш се обиколени со депресии. Сите овии формации се од вулканско потекло. Со исклучок на Максвел Монтес и двата високи региона Алфа Регио и Бета Регио, сите други појави на површината на Венера носат имиња на митолошки жени од историјата.

venera

 

Меѓутоа, хемискиот состав на Венера ја разводнува постоечката теорија за географските формации на планетата. Горната атмосфера на Венера ја карактеризира екстремен ветар, побрз од ротацијата, а мирниот долен слој на атмосферата покажува постојана појава на молњи. Се смета дека околу сто илјади активни вулкани потполно ја измениле површината на планетата во поновиот геолошки период.

Просечната оддалеченоста на Венера од Сонцето е 108,2 милиони километри. Таа, во однос на сите други планети, најмогу се приближува до Земјата, па би можело да се заклучи дека Венера може најдобро да се набљудува со телескоп. Но, тоа не е воопшто така. Денес, ниту со најдобрите оптички телескопи не можеме да видиме ништо повеќе од првиот човек кој ја набљудувал Венера низ телескоп, Галилео Галилеј. Причината за тоа ја дал М. Ломоносов во 1761 год. Набљудувајќи го феноменот кога Венера се наоѓа помеѓу Сонцето и Земјата, забележал дека позадинското Сонце создава прстен околу Венера, што недвосмислено покажува дека Венера има атмосфера. Во 1928 година, американскиот астроном Френк Рос, користејќи филм осетлив на ултравиолетова светлина, фотографирал темни облици во астмосферата. Во 1932, судејќи според спектроскопските анализи на атмосферата, утврдено е дека таа содржи огромни количествa јаглерод диоксид (CO2). Подоцна се покажало дека тој е застапен со 96%. Откритието дека Венера има атмосфера, како и тоа дека има густи облаци, било повеќе од добра почва за писателите на научна фантастика да шпекулираат дека Венера под гусите облаци всушност е една огромна џунгла, нешто налик на Амазонската. Меѓутоа, откритието дека во составот на атмосферата речиси и да нема вода, а особено сознанието за темпетарурите кои владеат во долните слоеви на атмосферата, ги отфрлило ваквите приказни. Имено, кога во 1960 година било измерено топлинското зрачење на планетата со помош на радио бранови, била забележана температура од 477 °С. Ваквата температура останува релативно константна и во текот на ноќта.

Како е можно Венера, која се наоѓа подалеку од Сонцето да има повисока температура на површината, од Меркур кој е поблизу? Одговорот е едноставен. Ефектот на стаклена градина е причинителот на ваквата појава.  СО2 е провиден за сите видливи и ултравиолетови зраци, но многу силно го апсорбира топлинското, односно инфрацрвеното зрачење. Сончевата светлина која ќе дојде до површината ја загрева, па таа зрачи инфрацрвен спектар, но облаците речиси сосема ја апсорбираат оваа светлина. Со тоа тие ја задржуваат топлината, сé додека мал дел не успее да се провлече. Така, рамнотежата со новопристигнатата топлина настанува некаде на 480°С. Со помош на сондата Венера 7 потврдена е оваа висока температура, но откриен е и еден многу важен факт поврзан со атмосферата на Венера. Атмосферскиот притисок на нејзината површина е 90 пати поголем од атмосферскиот притисок на површината на Земјата на морско ниво, што би значело дека чувството да се стои на површината на Венера би било приближно исто како да се стои 1000 m под морското ниво. Затоа сондите кои се праќаат на Венера не само што мора да издржуваат високи температури, туку мора да бидат и налик на подморници, одн. да издржуваат и високи притисоци.

Благодарение на советските сонди „Венера“ и „Вегас“, како и американските „Mariner“ и „Pioneer Venus“, се дошло до многу интересни сознанија за составот на атмосферата на Венера. Покрај доминантниот јаглерод диоксид, постојат мали количества азот, водена пареа, аргон, јаглерод моноксид и други гасови. На висина од 50 до 60 km над површината се наоѓаат облаци од концентрирана сулфурна киселина, кои се движат со брзина од 360 km/h. Како што се кондензираат капките сулфурен дожд, така паѓаат, но паѓајќи доаѓаат до потопли делови на атмосферата, каде испаруваат и повторно во вид на пареа се креваат во горните слоеви. Затоа облаците од сулфурна киселина на Венера имаат точно дефинирано долно ниво, а сулфурните дождови никогаш не стигнуваат до површината. И покрај кристално чистото небо, во текот на целиот ден владее самрак, бидејќи сулфурните облаци пропуштаат само 10% од сончевата светлина.

Од сликите пратени од сондите кои се спуштиле на површината на Венера, може да се забележат воглавно вулкански пејсажи. Судејќи според промените во одредени региони на концентрација на сулфур диоксид (SO2), кој интензивно се исфрла при вулкански активности, може да се заклучи дека дел од тие вулкани и денес се активни. На површината не можат да се забележат бројни кратери како кај Месечината и Меркур, што не значи дека Венера не била бомбардирана од метеори, туку заради густата атмосфера, а особено заради јаката вулканска активност пред околу 800 милиони години, површината е прекриена со карпи од лава. Со други зборови, таквите кратери се избришани. Малкуте кратери од удари на метеори обично се наоѓаат во формации, бидејќи настанале од еден астероид кој непосредно пред да падне на површината се распаднал. Јадрото на Венера е составено од никел и железо, но заради бавната ротација околу својата оска нема магнетно поле.

Венера може да ни послужи како огромна природна лабораторија за разбирањето на евентуалните климатски промени на Земјата. Може да послужи како пример, што може да се случи со Земјата доколу се продолжи со континуираното исфрлање СО2 во атмосферата. На секоја декада количеството јаглерод диоксид во атмосферата се зголемува за 2 до 3%.

Текст: Милена Крстева

micha

Проф. Изар

Изар е првиот професор во училиштето од почетокот на неговото постоење. Тој има смирен галс и добродушна појава. Но, неговите длабоки милостни очи откриваат и една тајна – ја откриваат неговата волшебна моќ.