Приказната на Лајка

Лајка (рус. Лайка) беше првото од советските кучиња пратени во вселената, првиот жив цицач пратен во земјината орбита и првата орбитална жртва. Во времето кога била покрената мисијата за испраќање на Лајка во вселената, многу малку било познато за влијанието и последиците од вселенските летови врз живите суштества. Некои научници верувале дека луѓето не би можеле да го преживеат лансирањето или интезивните случувања во космичкиот простор, така што професионалците кои работеле на вселенската програма гледале на летовите со животни како на неопходна подготовка за летовите со луѓе. Соединетите Држави работеле со шимпанза, а Советскиот програм одлучил да се користат кучиња. Лајка била куче скитник пронајдена на некоја од московските улици. Пред да и’ биде дадено името Лајка, ја викале Кудријавка (Кадравка) и била тренирана заедно со уште две други улични кучиња. Токму таа била избрана да биде патникот на советското вселенско летало Спутник 2. Леталото било лансирано во космосот на 3 ноември 1957 година. Спутник 2 не бил направен така да може да се врати, така што од самиот почеток се знаело дека Лајка нема да се врати и нема да го преживее патувањето.

205-couche1-210-1-69

Хероината Лајка умрела неколку часа по лансирањето, како последица на преголем стрес и топлотен удар, веројатно како резултат на дефектот настанат во контролниот систем за топлина. Вистинската причина за нејзината смрт не била обелоденувана децении после летот. Иако Лајка не го преживеа патувањето, експериментот докажал дека жив патник може да преживее лансирање во орбитата и притоа да ја поднесе бестежинската состојба.

Лајка го отвори патот за човековите летања во вселената, а научниците ги добија своите први податоци за тоа како живите битија реагираат на случувањата во космосот.

Советските научници одлучиле да користат кучиња скитници, поради претпоставката дека таквите животни веќе научиле да издржуваат во услови на екстремен студ и изгладнетост. Лајка била отприлика три години стара и тежела околу шест килограми. Луѓето и дале неколку прекари. Ја викале Кудријавка (Кадравка), Жучка (Бубалка) и Лимончик (Лимонче). Името Лајка потекнува од називот со кој во Русија се именуваат неколку кучешки раси слични на хаската, а во буквален превод значи „некој што лае“. Нејзиното вистинско потекло не е познато. Се смета дека била мешанче од хаска или некоја друга нордиска врста и териер. Оние кои ја познавале, велат дека била флегматично куче и дека не влегувала во конфликт со други кучиња.

tumblr_nx8mgpJSj81u7qs9go1_1280

Советскиот Сојуз и Соединетите Држави претходно испраќале животни во неколку наврати, само во суборбитални летови. За летот Спутник 2 биле тренирани 3 кучиња: Албина, Мушка и Лајка. Рускиот научник Олег Газенко избрал да ја тренира Лајка. Албина два пати летала на висока надморска висина за потребите на некои тестови, а Мушка била користена за тестирање на инструментите и системот за одржување на живот.

За да би се навикнале кучињата на тесниот простор од малечката кабина на Спутник 2, во период од 20 дена биле држени во се помали и помали кафези. Поради исклучително намалениот простор, кучињата престанале да уринираат и да вршат дефекација, биле вознемирени и воопшто, целата здравстена состојба им се влошила. Лаксативите и деуретиците не помагале, па истражувачите заклучиле дека само долги периоди на тренинг би биле ефикасни. Кучињата биле ставани во центрифуга која го симулирала забрзувањето кое се случува при лансирањето на ракетата, како и во машини кои создавале врева, а која би ги припремила за бучавата за време на вселенскиот лет. Ова влијаело пулсот на кучињата двојно да се зголеми, а крвниот притисок да порасне на 30-65 MmHg. Кучињата биле тренирани да јадат специјално желе со висока нутритивна вредност, нешто што требало да биде храна за нив, горе, во вселената.

Пред лансирањето, еден од научниците ја одвел Лајка во својот дом, да си поигра со неговите деца. Во книгата која хронолошки ја раскажува приказната за советската медицина во вселената, д-р Владимир Јаздовски напишал:

Сакав да направам нешто убаво за неа. И остануваше уште толку малку време да живее…

Според документите од вселенската агенција НАСА, Лајка била ставена во сателит на 31 октомври 1957 год., три дена пред почетокот на мисијата. Температурите на местото на лансирањето  биле екстремно ниски во таа доба од годината, поради што било користено црево поврзано на греач, како би се одржувала топлината во нејзината кабина. Двајца асистенти биле поставени непрекинато да внимаваат на Лајка до моментот на нејзиното лансирање. Пред полетувањето од космодромот Бајконур, крзното на Лајка било избришано со алкохол и внимателно исчеткано. На местото каде требало да се постават сензорите за следење на нејзините телесни функции, била премачкана со јод.

Кога забрзувањето го достигнало врвот, брзината на дишењето на Лајка се зголемила три до четири пати во однос на брзината со која вдишувала и издишувала пред полетувањето. Сензорите покажале дека Лајка имала 103 срцеви отчукувања во минута пред полетувањето, а веќе при самиот почеток на забрзувањето, отчукувањата се покачиле на 240 во минута. Откако ја достигнал орбитата, врвот на Спутник 2 бил успешно исфрлен. Меѓутоа, средишниот Блок А не се одвоил онака како што било планирано, што пак ја оневозможило правилната работа на системот за регулирање на температурата. Некои од термоизолаторите се оштетиле, како резултат на што температурата во кабината пораснала на 40°C. После три часа поминати во бестежинска состојба, пулсот на Лајка се спуштил на 102 отчукувања во минута, време три пати подолго во однос на тестовите вршени на Земјата, што укажувало на тоа дека Лајка била под неверојатно голем стрес. Раната телеметрија покажувала дека иако многу потресена, сепак ја јадела храната. После приближно 5 до 7 часа летање, од леталото веќе не се добивале никакви знаци на живот.

140604095931-laika-space-horizontal-large-gallery

Пет месеци подоцна, откако 2570 пати ја обиколил Земјата, Спутник 2 согорел заедно со телото на Лајка во текот на повторниот влез во атмосферата, на 14 април 1958 година.

Руските научници планирале да извршат еутаназија на Лајка, со храна која била отровна. Советскиот Сојуз со години даваше противречни изјави, како наводно умрела поради недостаток на кислород, откако се расипале батериите, или дека еутаназијата била извршена. Всушност постоеле многу гласини за тоа како се случила нејзината смрт. Дури во 1999 година, неколку руски извори проговориле дека Лајка починала 4 дена по полетувањето, како резултат на прегревањето на кабината. Во октомври 2002 година, д-р Димитри Малешенков – еден од научниците од мисијата Спутник 2, најпосле открил дека Лајка всушност починала 5 до 7 часа по лансирањето и дека смртта била предизвикана од превисоката температура и стресот. Според неговите кажувања, се испоставило дека било практично невозможно да се направи сигурен систем за контрола на температурата, во така ограничен временски период.

lajkasputnik

Етичкиот проблем на овој експеримент извесно време воопшто не се ни споменувал. Во тоа време се случувала вселенска трка меѓу САД и Русија. Како што може да се забележи од новинарските статии од 57-та, печатот бил повеќе окупиран со пишувањето за политичките перспективи, додека здравјето и повратокот на Лајка едвај и да биле спомнати. Дури подоцна се повела дискусија за судбината на која човекот го осудил ова куче. Мисијата покрена расправа ширум светот за злоупотребата на животните, за тестирањата и експериментите врз животните оправдувани со напредокот на науката.

Во текот на расправата за етичката неисправност на експериментите над животните, дошло до демонстрации пред зградата на Обединетите Нации, во знак на протест за она што и’ се случило на Лајка.

Во Обединетото Кралство здружението Dogs Trust ги повикало сите сопственици на кучиња на едноминутен молк, додека Кралското друштво за превенција на насилство врз животните излегло на протести и пред Советскиот Сојуз да ја објави веста, дека мисијата била успешно извршена.

Во Советскиот Сојуз имало многу помала полемика. Во годините кои следеле, ни медиумите, ни весниците, ниту пак јавноста, не ја довеле во прашање јавно одлуката за испраќање куче во вселената. Така било сѐ до 1998 година, кога по распадот на советскиот режим, Олег Газенко – тренерот на Лајка и еден од научниците одговорни за летот, изразил искрено жалење што допуштил кучето да умре. Тој во една прилика изјавил:

Работата со животни претставува еден вид на страдање за сите нас. Со нив се однесуваме како со бебиња кои не умеат уште да зборуваат. Како поминува времето, сѐ повеќе ми е жал за тоа. Не требаше тоа да го направиме… не дознавме толку од оваа мисија за да ја оправдаме со тоа смртта на кучето…

Пионерското патување на Лајка ја направи едно од најпознатите кучиња во светот. На 11 април 2008 година, Русите подигнаа споменик во знак на сеќавање на Лајка. Овој мал споменик се наоѓа во близина на воено-истражувачките установи во Москва кои го подготвувале летот на кучето. Споменикот ја прикажува Лајка застаната на врвот од една ракета. Нејзиниот лик е изгравиран на Споменикот на освојувачите на вселената, заедно со космонаутите и инженерите. Комеморационата плоча во чест на настраданите е поставена во ноември 1997 год., на Институтот за авијација и космичка медицина, во Ѕвездениот град во Москва. Ликот на Лајка се појави и на неколку поштенски марки во повеќе земји во светот. На 9 март 2005 година, дел од тлото на Марс во близина на кратерот Восток, на рамнината Меридиани Планум, неофицијално е наречен Лајка.

Лајка се појавува и во многу книжевни дела, каде најчесто се пишува за нејзиното преживување и спасување. Постојат и приказни кои раскажуваат за нејзиниот погреб (серијата „Doctor Who“ и романот „Alien Bodies“), како и приказни каде се зборува за нејзиното патување на други планети (стрип антологијата „Flight“). Романот „Intervention“  на Julian May, говори за тоа како Лајка била спасена од добродушна раса вонземјани. Jeanette Winterson во својот роман „Weight: The Myth of Atlas and Heracles“ раскажува за тоа како древниот Грк Титан Атлас ја пронаоѓа Лајкината капсула во орбитата и си го посвојува песот. Во делото „Habitus“ на James Flint, Лајка продолжува да кружи во орбитата, учејќи притоа како да се храни преку радио сигналите од Земјата.

Текст: Милена Крстева

micha

 

Проф. Изар

Изар е првиот професор во училиштето од почетокот на неговото постоење. Тој има смирен галс и добродушна појава. Но, неговите длабоки милостни очи откриваат и една тајна – ја откриваат неговата волшебна моќ.